ПОБЕДНИЧКИОТ ТИМ НЕ СЕ МЕНУВА

Ракомет

Машкиот ракометен прволигаш РК Прилеп, веднаш по епилогот на полусезоната, крунисана со првото место, ги одмора првотимците до до 15 јануари. Преовладува ставот дека победничкиот тим не треба да се менува.

На клупата е легендарниот Орде Илиески со асистентот и тренер на кадетите Страшо Илиески. Играчкиот кадар покажува надмоќ над конкурентите. Оттука е изгледот на табелата со четири бода пред Работнички и пет пред Младост. Вратата за засилувања не е сосема затворена, но буџетот диктира лимит. За голманската позиција потпирањето е врз младиот М. Трајковски и искусниот Соколоски. Кон екипата се враќа залечениот Ј. Локвенец.

Првото место обврзува. Пролетта нема да е лесна, затоа што распоредот е потежок. Има повеќе гостувања и повеќе неизвесности. Клубот прави напори за подобрување на условите, а за возврат се бара и подигнување на професионалниот однос на ракометарите.

РК Прилеп останува во салата “Р. Р. Ричко” и напролет, а темата поголем објект за побројна публика ќе се актуелизира доколку се влезе во Супер лигата.

Loading