ПЕТ ИЛЈАДИ БИЛЕТИ ЗА ТРЕНИНЗИ ВО БИТОЛА

Гимнастика: КГС Партизан Соколи државен шампион

– Прваци се Зографска, Манеска, Ангелкоска, Јанкоска и Илиоски

Прогласени се најдобрите од Федерацијата за гимнастички спортови и сосема очекувано, заслужено, државен шампион е клубот Партизан Соколи Прилеп. На свеченоста во Виница плакети, ЦД и опрема добија петмина членови. Сениорката Ивана Јанкоска е првак со 79 бода, “нијанси” пред Мартина Јездиќ, кај јуниорките почестите се за Андреа Ангелкоска со 69 поени, а најдобра помлада пионерка е Хелена Зографска со 89. Кај постарите пионери неприкосновен е Димитар Илиоски со 178. Првак во Б лигата за помлади пионерки е Теа Манеска со 92 поени. За меѓународно промовирање на македонската гимнастика признание доби членот на словенечки Марибор, Дино Бошњак, а најдобар тренер е Златко Ангелески,

– Немаме од никого поддршка, без судиско лоби, но колку да казнуваат, пак победуваме. Располагаме со квалитет. Затоа успесиите имаат тежина. Сите конкуренти спортски признаа, ни честитаа од срце – вели Ангелески.

Резултатите се плод на макотрпен труд. Гимнастиката е специфичен спорт, талентираните деца се обучуваат од најмала возраст и треба долги години трпение да се оформат во врвни натпреварувачи. Клубот работи во најскромни, бедни услови, а подобар е од сите, вклучително од фаворитите Скопје и Битола. Тоа е најчудното.

– Се очекуваше на нашето место да се битолчаните, поради предноста од условите и седиштето на Федерацијата. Ангажираа пет – шест професионални тренери во современо опремената сала. Не се предававме и патувавме секој викендите до Битола. За минатите девет години сведочат над 5000 билети со воз – истакнува Ангелески.

ФУДБАЛСКИ СИСТЕМ

Досега имаше многу тренинзи, а  малку турнири и мора нешто да се менува во системот. На предлог од селекторот Златко Ангелески, напролет ќе се спроведе нов модел, налик на фудбалскиот. Секој викенд ќе се натпреваруваат по два клуба во еден град. Ако има 12 тима, ќе има 11 кола.

– Повеќе мечеви се поголем мотив и квалитет – смета Ангелески.

Има измени и во вежбите. Еден вид, меѓународни се за А лига, другите домашни за Б.

Loading