МЛАДИНСКО ПОЕНТИРАЊЕ ВО 2014

Александар Јованоски, советник за млади во локалната самоуправа

Во која насока ќе се движи поддршката на локалната самоуправа на младите?

Како и во изминатиот период, Прилеп посветено продолжува по патеката на перспективите на младите и за младите. Стратешките приоритети се определбата за подобрувањето на квалитетот на живот на младите луѓе. Зашто, младите се еден од носечките столбови на заедницата. Таа премиса ја наметнува потребата од инвестирање и поддршка на оваа категорија на граѓани, кои со својата енергија, креативност и елан даваат еден поинаков аспект на нештата. Ќе почне со имплементација програмата на полето млади за 2014 г., со која ќе се понудат сет квалитетни решенија на голем дел од младинските потреби.

Каква е соработката со асоцијациите на младите?

Прилеп во соработка со локалните младински здруженија изработи и усвои локална младинска стратегија за 2011-2015, согласно која се градат и имплементираат младински политики. Се докажа дека градоначалникот, Советот и општинската администрација ги препознаваат и третираат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе, со што се воспоставува пракса на потесна соработка и консултација. Тоа влијае на раст на доверба. Младите почнаа да ја идентификуваат Локалната самоуправа како поддржувач, партнер во процесите на решавање на отворените младински прашања.

ПОДГОТОВКА ЗА КАРИЕРА

Која е содржината на бек апот на младинската стратегија?

Во 2013 година се третираше најголемиот проблем – невработеноста. Во соработка со USAID и мрежата YES во средните училишта отворивме кариерни центри, кои помагаат младите да бидат повработливи и поконкурентни на пазарот на труд. Преку обуките за корисниците имаа можност за да ги надградат личните и професионални вештини да ја подобрат комуникацијата, да ги подобрат презентациските вештини и, со еден збор, да ги стекнат сите квалитети кои еден сериозен работодавач ги очекува од потенцијалниот работник. Се подобри комуникацијата меѓу младите кои бараат работа и работодавачите и локалниот бизнис сектор. Се раздвижи локалниот пазар на труд, се организираше Саем на кариера и вработување. Младите и бизнис секторот стапија во непосреден контакт, разменувајќи искуства и презентирајќи ги потребите и очекувањата од двете страни.  За поголема промоција на спортот и практикувањето на здрави животни стилови кај младите, се изградија нови повеќенаменски и тениски игралишта. Се обезбеди финансиска поддршка на младите спортисти и клубовите преку подобрување на условите за спортување. Пуштена е во употреба вештачка карпа и мотокрос патеката, со што се зголемија можностите на практикување на нови спортови, досега недоволно познати  поради немањето услови. Со поддршка на општината се организираа и спортски трунири од локален и регионален карактер.

Какви се шансите за продолжување на локалните стимулации за младите?

Општината, во насока на советување и информирање на младите, продолжува да се стреми  и да го поддржува Младинскиот информативен и советодавен центар, кој е единствен од ваков вид во земјава. Континуирана е и поддршката на младинските здруженија, со кои рамо до рамо работиме на подобрување на животот на младите. Ова е само дел од проектите реализирани во 2013 г.

РАСТЕ ВРАБОТЕНОСТА

Што се прави на полето на подигнувањето на нивото на култура на младите. Има ли некоја посебна понуда?

Еден од најпотребните и најинтересни проекти за младите е отворањето на новото кино. Тоа беше и дел од локалната младинска стратегија и остварените контакти со младите.

И каде понатаму?

Не застануваме, продолжуваме поинтензивно на повеќе проекти за да се создаде процес на поблиска консултација и соработка. Ќе се креира Совет на млади, кој ќе е неформално младинско консултативно тело за средношколци, студенти, претставници на локални НВО и политички подмладоци. Ќе имаат можност, заедно со општината, со советот, да идентификуваат, разработуваат и предлагаат решенија за младинските потреби и проблеми. Преку младинското репрезентативно тело, ќе се  зголеми ,,чујноста,, на младите и ќе пораснат присутноста и можностите за креирање на младинско-сензитивни и ориентирани политики.  Важно е што со уште поголемо темпо расте процентот на вработеност на младите. Доста е направено преку креирањето на индустриските зони и ТИРЗ, со што се овозможени услови за привлекување на потенцијални инвеститори и отворање на нови работни места за младите. Останува определбата за заедно со локалните институции и АВРМ да се промовира и поддржува претприемништвото и занаетчиството како форми на самовработување и можности за започнување на сопствен бизнис, како и поддршката на волонтерството и практикантството и можностите за стекнување на соодветни работни вештини и искуства. Веќе се организира Саем на кариера и вработување од регионален карактер како и голем број на останати активности во форми на трибини, едукативни работилници, креирање на електронска локална база на труд и сл. Младите во 2014 ќе стекнуваат вештини и за т.н  “зелени работни места“, односно да станат микропретприемачи во доменот на енергетска ефикасност. За продуцирање на квалитетни конкурентни кадри  последните години  многу се вложува во развојот на формалното и неформалното образование, за подобрување на условите за учење и практична работа, воведување на нови едукативни програми и насоки, поддршка и реализација на проекти. Изградбата на скејт паркот ќе влијае на раст на можностите за рекреација и ќе се збогати урбаната култура. Ова се дел од активностите кои Прилеп во 2014 год ќе ги имплементира со и за младите, сé со цел да се понудат соодветни решенија кои најдобро ќе ги третираат и решаваат младинските прашања.

Она што сакам посебно да го потенцирам е дека Општина Прилеп останува отворена за идеи и предлози од страна на младите. Всушност значаен дел на проекти кои се реализирале во изминатиот период се идеи кои произлегле токму од оваа група на граѓани, кои на Отворениот ден за граѓани или Денот на идеи биле презентирани на Градоначалникот и општинската администрација. Желбата и отвореноста за соработка останува, и ова би било и еден вид на потсетување и покана до сите млади, за доколку имаат предлог, идеа, замисла за одреден проект или иницијатива, слободно да ја контактираат Локалната Самоуправа и заедно, партнерски да продолжиме да работиме за доброто на младите.

Loading