БЛАЖЕ КОНЕСКИ ДО ЦЕПЕНКОВ

За 20 годишнината од смртта на Блаже Конески, локалните власти поставија споменик, изработен од бел мермер од вајарот Бранко Конески. Блаже Конески е на неколку метри до паметникот на Марко Цепенков, а наскоро ќе следи и споменикот на Круме Кепески, со што просторот ќе се именува Литературен плоштад.

– Со ова дело се дава духовно признание на кодификаторот на современиот македонски јазик и како држава се поставува паметник кој вечно ќе трае и ќе потсетува на неговото дело. Го исполнуваме нашиот долг кон оваа голема личност како наш сограѓанин – смета градоначалникот, Марјан Ристески.

Професорот Трајко Стаматоски потенцира дека Конески работел за доброто на татковината.

– Му честитам на Прилеп што на ваков начин му се оддолжува на Конески. Основна идеја нему секогаш му беше научната, литературната и јазичната мисла што ја придонесе за Македонија – рече Стаматоски.

Академик Блаже Ристовски смета дека е должност да се оддаде признание на неговиот голем опус.

За професорот Људмил Спасов, јазикот е нашата татковина и затоа треба да ги подигнеме стандардите при употреба во јавниот живот.

– Јазикот е територија што ги обединува сите Македонци насекаде низ светот – смета Спасов.

Споменикот заедно со постаментот е висок 3,33 метри.

Предизвик бил Блаже Конески за скулпторот Бранко Конески, кој е автор и на споменикот на Марко Цепенков и е роднина на Блаже.

– Тој е една целина заедно со сегашниот на Цепенков и идниот на Кепески – изјави Конески.                                      

Loading