БИДИМАЖ – БУДИМАШ

По подолга и макотрпна работа Секторот за урбанизам ја завршил процедурата за преименување на улиците. И редно беше таа работа еднаш да заврши. Читаме дека новиот адресар ги поминал сите инстанци, поминал “низ сито и решето”. Убаво. Само за јазикот наш не постои ни сито ни решето. Евентуално, некој дрмон, тоа е она решето со многу поголеми дупки, па низ нив се провираат разни грешки.

Читаме дека од 321 улица во Прилеп, 74 добиле ново име. Без разлика дали тоа ќе има евентуални административни проблеми, таа работа еднаш требаше да се заврши. И се заврши.

Што забележуваме, гледајќи ги работите од јазичен агол? Најголемиот број на имињата од улиците се дадени ведаш по ослободувањето. А во подоцнежно време, откако градот се прошири со нови населби се добија нови улици со нови имиња. И, еве сега, 74 се преименувани.

За членот во нашиот јазик многупати сме пишувале. Сега, кога го гледаме списокот на улиците кои го добиле своето име некаде околу 1945-46 година, се гледа дека грижата за употребата на членот, за тој битен елемент, била многу поголема. Сега на тој план владее хаотична ситуација. Стана мода членот да се испушта или да биде нецелосен. Ги читаме улиците од тоа далечно време: “Борка УТОТ”, “Димо НАРЕДНИКОТ”, “Димче БАЊАРОТ”, “Цена ЏИНОРОЗОТ” и така натаму. Така треба. Општите именки кои служат за прекар се членуваат. Но, се членуваат со целосниот член – БАЊАРОТ (не Бањаро), УТОТ (не Уто), ЏИНОРОЗОТ (не Џинорозо). Рековме, дека стана мода, или незнаење членот да не биде целосен. Дури и во насловите на книги се пишуваат со такво нецелосно членување – МЕЛЕЗО, ШАТОРО, наместо МЕЛЕЗОТ и ШАТОРОТ. Името на битолската печатница “Киро ДАНДАРО” е голема граматичка недоследност. Зошто не – ДАНДАРОТ? Оправдувањето или изговорот за ваквите граматички недоследности се бара во тоа дека ние така сме зборувале. Особено ние во Прилеп. Точно е тоа, но не може да биде оправдување. Колку и да зборуваме така, не смееме и да пишуваме така. Тоа може во некои специфични и посебни текстови кога треба да се потенцира некој локален говор. А сега, оваа масовна појава станува загрижувачка. Дури и на некролозите. Не сакаме да наведуваме примери и да споменуваме имиња. Можеби со тоа ќе повредиме нечии интимни чувства. Но, малку ако се погледне, ќе се виде колку се тие погрешно напишани особено во нецелосното членување на прекарите.

Да се вратиме на улиците. Евидентно е дека грижата за употребата на членот била поголема во тоа време. Нема ниедна грешка. Но има еден проблем што бил нејасен и тогаш. Проблем кој се провлекува и денеска. Тоа е употребата, односно неправилната употреба на буквата (гласот) Л. Имаме улици уште од тоа време а истото име го носат и денес. Требало да поминат и тие низ ситото или барем низ решетото. Но, ништо. Да споменеме некои од тие улици: “ИЛО Полутешка”, и “ИЛО Попадинец”. Чудно е, зошто по толку време буквата Л (Љ) на луѓето им создава голем проблем. Именката ИЛО во Прилеп (и не само во Прилеп) никој не ја изговара така како што е напишана. Сите ја изговараат со мекото Л односно Љ. Но, ако се напише така со Љ луѓето тој глас го изговараат многу меко, како во српскиот јазик и тогаш се добива сосема нешто друго. Треба, конечно, просветните работници да научат и да ги учат и децата дека нашето Љ се изговара исто како Л кога ќе се најде пред Е и И – ЛИ, ЛЕ. За ова сме пишувале и нема да одиме понатаму. А улиците “ИЛО Попадинец” и “ИЛО Полутешка”, ако бидат така напишани и на таблите, засекогаш ќе бидат осакатени.

Со проширувањето на градот, дваесетина години по ослободувањето, се појавија нови имиња на новите улици. Една таква беше улицата “БИДИМАЖ”, во населбата Бончејца. Кој ли беше тој кум што го измислил ова име, односно го “превел” на македонски?! Таа месност припаѓа на плетварскиот синор. Плетварци ја викаат БАДИМАШ. Веројатно (велиме веројатно, а не сигурно) според бугарското – “Б’ДИ М’Ж”. Но, имињата на разни месности, градови, села, често имаат нејасна хронологија. Во времето на многу историски услови и околности имињата се добивале, се менувале, се преименувале, се изменувале и најпосле добиле некоја конечна форма, која може многу да се разликува, па дури и да не личи на онаа првобитната. Не смееме сега ние да ги преведуваме и да ги помакедончуваме. Ако е неопходно, можеме да ги преименуваме, но не да ги преведуваме. Зар сега Кривогаштани ќе го прекрстиме во Кривогаќани само поради тоа што именката ГАШТИ е бугарска?!

Во книгата “Од дневникот на Прилеп” од Миле Алимаскоски објавена во 1952 година (јазична и стилска редакција Бл. Корубин и Ал. Ежов) на повеќе места се среќава името БУДИМАШ онака, како што е позната нашироко. Сега беше време улицата “БИДИМАЖ” да се преименува во “БУДИМАШ”.

Но, ете, не се најде маж да го направи тоа.

Благоја Ивчески

Loading