СЕТИЛО (СЕТИВО) ИЛИ ЧУЛО?

Докторот, во една телевизиска емисија објаснува за некои ЧУЛА кај човекот. Зборува за ЧУЛО за мирис, ЧУЛО за вкус и за уште некои други. Си спомнуваме и за некое одамнешно време (во основно училиште) кога еден наставник по анатомија ни објаснуваше за разни ЧУЛА. Грешел наставникот тогаш, а уште полошо е што докторот грешки и сега. Во македонскиот јазик тој збор гласи СЕТИЛО, а не ЧУЛО. Има (имаше) определено колебање дали е поправилно да биде СЕТИВО или СЕТИЛО. Во Речникот се одбележани двата збора со назнака дека предност се дава на формата СЕТИЛО. Кај тој збор е објаснето дека тоа е орган кај човекот и кај животните преку кој се примаат впечатоците од надворешниот свет. Тој збор наполно соодветствува на српскиот – ЧУЛО. Придавката од именката СЕТИЛО гласи – СЕТИЛЕН. Тука се јавува и именката СЕТИЛНОСТ. Значи, српскиот израз “Чулни свет” кај нас гласи – СЕТИЛЕН СВЕТ. Покрај сите објаснувања во Речникот претпоставуваме дека така е напишано и во денешните учебници, сепак се прави грешка. И тоа грешка од стручни лица. Докторите најмногу треба да знаат дека во македонскиот јазик не е ЧУЛО туку е СЕТИЛО.

Ја споменавме и именката СЕТИВО, но рековме дека предност и се дава на формата СЕТИЛО. Зошто? Наставката ИВО е, исто така, застапена во нашиот јазик кај определен број именки. Имаме – вариво, плетиво, предиво и слично. Во денешниов наш современ јазик таа наставка е, речиси, непродуктивна, па затоа и се дава предност на наставката ИЛО. Сепак, има места каде што не се развиле такви форми (со ИЛО) и тие си остануваат со наставката – ИВО: гориво, паливо, печиво.

Овде сега најмногу не интересира именката ПЕЧИВО. Нашиве луѓе повеќе (под влијание на српскиот јазик) си го викаат ПЕЦИВО. Особено жените. Кога сакаат нешто да месат. купуваат прашок за ПЕЦИВО. Се разбира, тоа е погрешно.

Некогаш, кога на некоја гозба ќе се сервираше печено месо, луѓето си го викаа ПЕЧИВО. Кога се правеше планот како треба да се пречекуваат гостите, покрај пијалакот и мезето, задолжителна беше супата, потоа вакво или такво јадење и на крајот ПЕЧИВО. Српскиот збор ПЕЧЕЊЕ (именка со акцент на вториот слог) речиси сосема го истисна ПЕЧИВОТО. Луѓето почнаа да си го викаат така и во рестораните. Или келнерот ќе ви понуди или ќе прочитате во листата за јадења – јагнешко, телешко или свинско ПЕЧЕЊЕ. Овој збор (како именка) не оди во нашиот јазик. Луѓето го насетуваат тоа, па често, во рестораните ќе прочитаме или ќе чуеме – јагнешко, свинско или телешко ПЕЧЕНО. Добро е тоа. Овдека, зборот ПЕЧЕНО веќе би се сфатил и би имал значење на именка од среден род. Во ваквите случаи нема да станува збор за какво пиле сакате, туку едноставно што сакате. Би рекле: Сакаме ПЕЧЕНО, донесете ПЕЧЕНО. Рековме дека овде зборот ПЕЧЕНО би бил именка од среден род.

Има такви примери. Да речеме зборот – ПРЕДЕНО (преѓа). Кога ќе купува некој ќе побара од продавачот ПРЕДЕНО. Значи така се вика тој производ. Формата е сосема слична со ПЕЧЕНО. И двата збора, според граматиката, претставуваат глаголски придавки. Овде веќе не го чувствуваме глаголското дејство. Забораваме, не мислиме за тоа дека месото се печело па станало печено или дека волната се предела па се добило предено. Така е со именката сирење. Зборот СИРЕЊЕ (потсирување) е глаголска именка. Станува збор за некое глаголско дејство, за некој процес кој се извршувал. Млекото се сирело, тој процес се вика сирење, потсирување. Но производот (сирењето) веќе го загубил претходното значење и станал именка – СИРЕЊЕ. Истото е и со ПЕЧЕНОТО. ПЕЧЕЊЕ, како именка, со акцент на вториот слог, не треба да се употребува. ПЕЧЕНО, со значење на именка од среден род, наполно ќе ги задоволи потребите од тој вид. Добро е што веќе се употребува во угостителските објекти.

Благоја Ивчески

Loading