ИСКРЕНОСТА НА ШВЕЈК …

Владимир Ѓорѓијоски, актер

Владимир Ѓорѓијоски е актер во Театарот “Војдан Чернодрински”, кој од 2002 година професионално е на сцената со одиграни околу 47 улоги. Првите чекори му биле аматерски на 14 години. Оттогаш е нераскинлива дружбата со актерството и со театарот. Последната улога му е  главната, Швејк, во претставата “Швејк во втората светска војна”.

Беше ли предизвик да се игра Швејк?

Во денешно време, воопшто, предизвик е да се игра во Театар. Швејк е повеќе од улога во театарска претстава. Карактерот е светски феномен. Бог во кожа на човек, или човек со Божји лик. Толку е малечок и обичен, што го прави неизмерно огромен. Парадоксален лик. Чешка национална гордост, но, пред сé, е светско културно наследство.

Улогата добро “легна”?

Не мислам дека играм улога. Говорам текст на Швејк, но, ненаметливо, се обидувам постојано да бидам тоа што сум, Владимир Ѓорѓијоски. Искрено и отворено, без заземање на ничија страна. Според мене, тоа е Швејк. Бескрајна искреност, што е контраст на основата на театарската форма, а тоа е илузијата (лага која го задржува вниманието на гледачот). Не се трудам да бидам добар во улогата, да бидам што поискрен. Верувајте, тоа е многу тешко на сцената.

Изјавивте дека Швејк е еден од стожерните ликови за игра на сцена. По што отскокнува?

Да, изјавив дека ликот е голем предизвик. Од оние секојпат издвојувани Шекспирови ликови (Хамлет, Ричард, Ромео…), зашто овој, за разлика од нив, е обичен човек, кој нема што да изгуби, ниту пак сака нешто да добие. Нема никаква намера да промени нешто, но наивната искреност, секогаш удира цврсто во темелите на општеството.

Драматург сте и асистент на режија. Што ве “влечеше” да се испробате?

Инволвираноста во секој сегмент на подготвување на било која претстава им е позната на колегите. Тоа што Кочовски, како режисер, сака да ја истакне мојата посветеност на таков начин (давајќи ми одговорност на асистент и драматург), единствено ми покажува дека имам доверба во неговите очи, која многу ми значи, зашто е човек кој екстремно го ценам.

Очигледна е уметничката поврзаност со Кочовски. Од каде доаѓа блискоста?

Од заемната искреност кон работата. Од препознавањето на проблемите кои се секојдневие за нашата генерација. Драго ми е што овие наши заеднички претстави имаат позитивни реакции ширум Балканот. Проблемите, отворени во овој Брехтов епски театар, се актуелни и препознатливи за сите. Тоа е доволно, вратата во нашиот театар да биде секогаш отворена за понатамошна соработка со Кочовски.

Што е тоа што би сакале  да одиграте?

Па, не знам… И тоа СЛЕДНО сум спремен да го играм, доколку се собереме доволно истомисленици за  следниот проект.

Има ли текст кој би сакале да биде поставен на сцената и каква е соработката со колегите?

Текстот е само едно изразно средство. Како актер, не сум роб на текст. Тој само може на актерот да му помогне полесно да ја претстави идејата на режисерот и ансамблот. Театарот е идеја! А соработката со колегите, најлесно се препознава по бројноста на публиката. Никој не сака да следи и поддржува екипа која не работи како еден. Среќен сум што сум во тим, за кој се бара билет повеќе на секоја изведба.

Што значи да се биде креативец?

Тоа значи да си актер во вистинска смисла. Инаку си само подвижна сценографија или реквизит кој пренесува нечие туѓо мислење, без сопствен став.

Владимир Ѓорѓијоски е дипломиран актер на ФДУ, во класата на проф. Владимир Милчин. Студент е на постдипломски студии за сценски дизајн на Универзитетот  за уметности во Белград, Србија. Одиграл улоги во најразлични претстави, меѓу кои “Комедија на суетата”, “Роберто Зуко”, “Тетовирани души”, “Слуга на двајца господари”, “Грев или шприцер”, “Магбет”, “Натемаго”, “Светилникот”, “Песијазол”, “Јане Задрогаз”, ” Тапани во ноќта”, “Кавкаскиот круг со креда”, “Змејовата невеста”, “Многу врева за ништо”, “Три варијации на една тема” и други. Играл во филмови на Милчо Манчевски, Коле Ангеловски… и е добитник на  повеќе награди меѓу кои и на наградата за млад актер на МТФ “Војдан Чернодрински”, за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења и за колективна актерска игра во претставата “Кавкаскиот круг со креда”. 

Loading