ГЕРИЛА МАРКЕТИНГ

Често се оставаат рекламни материјали, од обични памфлети до каталози од по 20-на страници, под бришачите на автомобилите, паркирани на Булеварот. “Тајните” маркетинг агенти, го прават тоа толку брзо и вешто, така што ретко можеме да ги видиме на дело.

Нема да навлегуваме во исплатливоста на овој вид на рекламни кампањи на поголемите компании. Но, констатација е дека е непотребна за најголем дел од потенцијалните одбрани клиенти, односно возачите. Вообичаено, сопствениците на возилата не “фрлаат” втор поглед на хартијата на ветробранското стакло, откако ќе се уверат дека не е ништо интересно. Пракса е набрзина да се извади рекламниот материјал, да се стутка и да се фрли на тротоар или во корпа за отпадоци.

Доколку некому му е потребен апарат, машина или што и да е, што се рекламира на овој начин, нема да чека под бришачот да му се понуди каталог, туку ќе го купи, а пред изборот, низ погледите на печатените изданија на весниците, ќе ја открие продавницата. Заинтересираните ги меркаат цените и квалитетите, а на веб страниците ги споредуваат пред конечната одлука.

Флаерите по улиците се само фазла труд за комуналците и непотребен арч на хартија, за која се искористени којзнае колку дрвја.  

Loading