ТРАДИЦИОНАЛНА БИЗНИС СОФРА

Во предвечерието на божикните пости со кои се изразува вербата и почитта кон православната вера, градоначалникот Марјан Ристески ги собра на заедничка трпеза бизнисмените од градов. Средбата на вкусната софра, поготвена во Етно ресторанот на сопственикот Кире Шајкароски, во Мариово имаше за цел во опуштена атмосфера, да помуабетат сопствениците на разни мали и средни фирми за бизнис климата, да разменат искуства и да ги подобрат контактите како деловни соработници. Не случајно беше избран најеколошкиот дел од општинава, кој има огромен потенцијал за развој не само за туризам, туку и откривање на можностите за негова максимална искористенот како пограничен регион во кој може да се вложува, но потребна е храброст и решителност.

На заедничката средба масовно беа и трговците, односно членовите на занаетчиската комора, бизнисмените кои го знаат срцето и душата на градот и кои се барометар за сите случувања во чаршијата. Тие се најдобриот лакмус, кој знае да ја препознае позитивната енергија и идејноста на “таткото” на градот за развој и просперитет.

Синхронизираното дуо на примче на Бунте и неговиот колега на гитара Блаже ја подгреаа климата и ги разгалија срцата на бизнисмените за момент да заборават на деловните обврски.

Како и секогаш, “запршка” беа новинарите, кои нема места каде не можеш да ги видиш. Ем да чујат и разберат нешто, ем да раскажат, одбележат и известат. Впрочем, тие и најдобро го регистрираат пулсот на градот и нагорниот óд на општината, во чекор следејќи ги активностите на градоначалникот Марјан Ристески, кој, за волја на вистината, ја почитува новинарската фела и ја удостојува во секој поглед.

И овојпат се потврди народната, “кој пее – зло не мисли”, а со добра храна и пијалок, муабетите се како мелем на рана.        

Loading