“ШВЕЈК… ” – ВРВЕН ЕСТЕТСКИ ЧИН

Според големиот интерес за претставата “Швејк во втората светска војна” во режија на Мартин Кочовски, впечаток е дека е создадена уште една бренд претстава. Потврда е тоа што се бара билет повеќе за секоја изведба. И критичари и уметнички директори од балканските фестивали најавуваат да го проследат “Швејк…”. На една од изведбите присуствуваа познати писатели, актери, како и првите луѓе на фестивалот Експонто од Љубљана, на Инфант од Нови Сад и од фестивалот во Враца Бугарија.

– Претставата е голем настан за целиот европски театар, бидејќи ја сублимира целокупната историска меморија и ја претвора во разорна театарска естетика. Сама по себе има еден револуционерен од. Тоа е она што е се вели дека убавината на театарот може да излечи – изјави писателот Јордан Плевнеш.

– Многу смела претстава. Никој од нашите режисери нема да се осмели да создаде нешто слично што удира силно за разбудување – изјави  актерката Јоана Попоска.

 Уметничките директори виделе врвен европски театарски чин.

– Изненаден сум, бидејќи досега не го знаев Мартин како режисер и неговата работа, освен дека постигнал успеси на неколку фестивали со театарот. Претставата е богата со идеи, енергии, со симболи. Радува што е атрактивна, особено со сцените со хорот. Европска е и заслужува да се најде на повеќе фестивалски сцени – рече Симон Грабовац, уметнички директор на фестивалот Инфант од Нови Сад, Србија.

– Претставата е некој вид театарски политички манифест не само на некогашна, туку и на сегашна Европа. Мартин знае да ја комбинира енергијата и одличниот ансамбл. Ќе размислиме за следната селекција. Ме воодушеви и ансамблот, енергијата на актерите. Одржуваме комуникацијата преку мрежата НЕТА. Со Мартин ќе имаме заеднички проект, зашто е еден од најдобрите режисери. Швејк има подлога, но естетиката и енергијата која ја дава Мартин е најважна – изјави Дамир Домитровиќ – уметнички директор на Експонто од Љубљана, Словенија.

– Претставата е актуелна, работена со голема енергија, талент. Ќе има долг живот – смета  Анастас Поп Димитров  од фестивал Враца, од Бугарија. 

Loading