ИЛЈАДНИЦИ ЉУБОПИТНИ НА Р’ЖЕЊЕТО НА МОТОРИТЕ

Кај Лагово

Масовен одек имаше првата мотокрос трка на новата патека кај селото Лагово. Триесетина моторџии од Македонија, Грција и Бугарија ја тестираа  и ја избраздија трасата од 1650  метри со “бесните” машини на две тркала, кои ја параа тишината во околината на селскиот атар. Патеката вредна 1,5 милиони денари се изгради по сите стандарди на иницијатива на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и со поддршка на локалната самоуправа, јавните претпријатија и клубот за екстремни спортови Скај рајдер.

 

И моторџиите и илјадниците љубопитни граѓани уживаа во промоцијата на патеката, која се очекува да влијае на развојот на овој спорт. Адреналинскиот наплив лебдеше во воздухот предизвикан од   мирисот на масло, бензин и прашина. Задоволни беа учесниците, скокајќи и приземјувајќи се на нерамниот терен, фрлајќи земја зад тркалата. Демонстрирајќи  неверојатна издржливост и голема моќ на моторите, но и умешност во одржувањето на балансот на брзината и земјата, јавачите ги бревтаа машините, “палејќи” ја и публиката. Иницијаторите велат дека не е исклучено во не така далечна иднина, на патеката да возат европски, па и светски натпреварувачи во крос мотори. Најбрзо што е можно е да се случи балканско првенство. 

Во близината се најавува можност за градба на картинг патека, за да се стави градот на мапата на алтернативниот туризам. 

Loading