ЖИТО ПРИЛЕП СО ВОЗ ВО ГЕПИНГЕН

Ракомет: Европски куп ЕХФ

– Денеска е првиот меч, утре реваншот

Екипата на Жито Прилеп, како македонски претставник игра против германскиот Гепинген, во 3. коло од европскиот куп ЕХФ. Дуелите се денеска (19 ч.) и в сабота (17 ч.), во два града. Првиот во Гепинген, домаќин е нашиот тим во сала со 5600 гледачи, вториот 30 километри подалеку, во Ленинген домаќини се Германките во објект од 700 седишта.

Исходот е извесен во полза на ривалот, а Жито Прилеп е апсолутен аутсајдер. Атмосферата се наруши по последниот пораз дома од младинскиот Металург со 26-28. Целиот тим потфрли. Четири дена претходно загубија 39-11 од гигантот Вардар. Во составот ја нема повредената Гичева.

За германскиот тим има информации. Гепинген не игра најдобро, меѓу 12 тима е 10-топласиран во Бундес лигата, но е пресилен со осум Германки, по две Чехинки и Швајцарки, по една Босанка и Австријка.

Наспроти нерамноправноста на ривалите, се очекува пристојна посета, барем денеска во Гепинген, каде влезниците се од седум до 12 евра.

КРЕНАТИ ГЛАВИ

Екипата на Ж. Прилеп ќе истрча со два нови комплети, жолти и црвени дресови, со скромни очекувања. Целта е достоен отпор.

– Барам максимално залагање, пристоен резултат и да се вратиме со кренати глави – вели Пеце Велјаноски, тренерот.

ТРИ КУПЕА

Патувањето е со воз. Исполнија три купеа со тројца од управата, тренер, физиотерапевт и 13 ракометарки. На располагање се голманите Белмезова и Стојанова, бекови Ивановска, Крстевска, Шалевска, Адамческа, Саздова и Андонова, крила Аџулеска и Неделкова, пивоти Серафимовска, Михајлова и Цаневска.

Loading