ШЕСТ БОДА НАЕДНАШ

Фудбал

Најплоден викенд беше претходниот за второлигашите. Победа вторпат славеше на гости, со голот на Благоја Гешоски 0-1 над Борец во Велес. Бодовите се важни за самодоверба и мирно дочекување на останатите дуели по паузата, дома со Зајас, на гости кај Дрита. На табелата екипата на Златко Петрески е осма со 20 бода, а водат Тетекс и Силекс по 28.

Разигран е и 11 Октомври, кој оствари трета победа, дома 2-1 над Тиверија. Струмичаните поведоа, а пресвртот се случи со головите на најмладите, Благојче Спиркоски и Стефан Иваноски. На табелата тимот на Круме Митрикески е претпоследен со 10 бода, но нема предавање, иако изгледа далечно деветтото, баражно место на Корзо Слога со 19. До крајот на есента се мечевите, на гости кај Врапчиште и дома со Новаци.

Наспроти притисокот од борбата за опстанок, двата тима не скршнаа од стратегијата за настапи со млади фудбалери. Според записниците, под 21 година се осуммина од Победа и 12 од 11 Октомври.

Loading