КАЈ РЕКЛАМИТЕ, КАКО БАБИТЕ И ДЕДОВЦИТЕ

Местото на информативниот центар, каде на екран се прикажуваат реклами, од времето било собиралиште, зборно место, непроектирано од архитектите. Станува збор за локацијата каде некогаш се најдуваа кино рекламите. Информативната табла служела за репертоарот на кино проекциите. Со времето, “рекламите”, како што го нарекувале инфото, местото се претворило во еталон за средби. И тогаш, и сега, најчесто на прашањето “каде да се најдеме”, се одговара со едноставното “кај рекламите”. Младите уште ја негуваат за локација за среќавање. Навечер врие момчиња и девојки, сами или во група, договорени да се најдат кај рекламите. Додека го чекаат задоцнетиот партнер или партнерка, другарот или другарката на закажаното место, се денгуби, чепкајќи по мобилните или со пушење цигара. Во групите се слуша џагор и смеа додека се чека да се состави тајфата за да заседне во некое кафуле. Доказ дека кавалерството изумира е тоа што има повеќе девојки што ги чекаат дечковците, наместо обратно.

Колку и да се модернизира времето, што и да се случи, пак, на крајот на  краиштата, нема друго, посоодветно место од старите, добри реклами. За навек ќе се сведок за навиката, пренесувана од колено на колено, дека местото е најпогодно за средба, како што било за нивните родители или баби и дедовци.  

Loading