ВО ПЛАКЕТИТЕ ОТСЛИКАНО МИНАТОТО И БЛЕСОКОТ ЗА СЛЕДБЕНИЦИТЕ

ДОБИТНИЦИТЕ НА ТРЕТОНОЕМВРИСКИТЕ НАГРАДИ

Највисокото градско признание, Третоноемвриската награда – дојде во рацете на граѓаните кои со успешното делување во својата област го задолжиле Прилеп. Институции и поединци кои со труд и пот успеале да го подобрат или афирмираат градов заслужено станаа лавроносци на најзначајната локална награда. Не се заборавени личностите кои ги знаел целиот град и земјава за децениското вредно работење.

Така, годинешен добитник на наградата за животно дело е ликовниот уметник и педагог Илија Миноски. Наградата е минимумот што можеше да му се даде за плодотворната работа долга шест десетлетија. Општината ги цени придонесот кон ликовната уметност, афирмацијата на градов и неговата педагошка дејност.

Со плакети 3-ти Ноември се закитија: Касарната “Мирче Ацев”, како успешен катализатор на економскиот и општествениот живот, конфекцијата “Комфи Ангел”, која во секој миг е подготвена да помогне и повеќе години силно граби, поредувајќи се меѓу најуспешните компании со силна општествена одговорност, Гимназијата “Мирче Ацев”, од каде потекнуваат најдобрите градски амбасадори, кои со достигнувањата го афирмираат Прилеп и заради организациските и  воспитно-образовните успеси, Здружението Велоевропа за промоција на спортовите што не уживаат голема популарност, а со тоа и истакнување на градот на меѓународен план. Потоа, Центарот за вработување за активните мерки што успешно се спроведуваат за поттик на претприемништвото, ОУ “Добре Јованоски”, како мултиетничко и мултуконфесионално училиште кое успешно менаџира и постојано инфраструктурно се подобрува, Здружението на слепи лица и на КУД “Пере Тошев”, друштво кое е заштитник на стариот градски дух низ афирмација на староградските изворни песни, ренесансните творби и црковните композиции.

Дипломите 3-ти Ноември им беа доделени на новинарот Атанас Тасевски, на фотоуметниците Зоран Пиловски и Оливер Ангелески, за големи достигнувања во фото и кино техниката, на уметникот Илија Кавкалески, надежниот атлетичар Илија Пајмакоски, на саатчијата Звонко Конески, на литератот Тони Павлески, докторот, специјалист Петар Оханесјан и на Сами Јашароски. Постхумно влегоа во списокот на граѓани од висок пиетет Ѓорѓи Патоски, Христо Иваноски – Ице и проф. Љупчо Аџи-Митрески, на кои животот им бил прекраток, а оставиле длабок печат во градската историја. 

Loading