РК ПРИЛЕП ЗРЕЛ ЗА СУПЕР ЛИГАТА

Ракомет: пет меча – пет победи

Следи прво гостување, во Богданци

Сигурно “газење” во Првата машка лига на РК Прилеп. Есенва пет меча – пет победи, последната на дербито со велешки Борец со 29-21. Дека трите бода остануваат во салата “Р. Р. Ричко” се виде уште во првиот дел кога домашните водеа со 16-12. Составот на Орде Илиески во ниеден момент не им даде шанса на гостите да се надеваат. Голманот Трајковски одличен со 15 одбрани, Бозароски даде седум, Петкоски пет, Ангеловски четири гола.

РК Прилеп ја оправда улогата кандидат за највисок пласман. Претходно на домашниот паркет ги победи Битола, гостиварска Јехона, скопски Работнички и Риниа. На табелата гледа од првото место, а може да се верува дека ќе го задржи, со оглед на квалитетниот тим сочинет од искусни и млади. Од некогашниот Тутунски потекнуваат Соколоски, Бозароски, Ангеловски, Петкоски, Стојаноски, Локвенец. Младоста ја претставуваат Трајковски, Спасески, Велески, Јанески, Чадамоски, Стефаноски, Петрески, Тодороски.

Достижна е реализација над планот, освојување на сите бодови до крајот, со оглед на распоредот. Дома е мечот со Струга, на гости кај аутсајдерот Вардар Полог во Гостивар, а најзначајно гостувањето викендов кај Младост во Богданци. РК Прилеп првпат ќе игра надвор од градов. Ако се земе предвид звучното име на домаќинот, треба да се очекува неизвесен меч. Лани во “Сонце” беше 31-25 за РК Прилеп, а во Богданци 27-26 за Младост.

Во женската Прва лига по триумфот 32-23 над САП Акумулатори, тимот на Таста 107 гостува на Ѓорче во Скопје.

НЕ САКАА ВО ПРИЛЕП

Сите почести низ Европа за нашиот шампион Вардар, но скопјанките мораше да најдат сили да гостуваат пред две илјади гледачи во “Сонце”, а не вторпат да се домаќини, синоќа во “Кале”. Жито Прилеп по поразот се готви за патување на Гепинген во Германија.

ОПШТИНСКИ ПАРИ

Градоначалникот Марјан Ристески објави финансиска помош за РК Прилеп, со која ќе се овозможат професионални услови. Резултатите на клубот се битни за спортскиот имиџ на градов. Се очекува наскоро пласман во елитата, потоа борба за Европа.

Од општинскиот буџет се издвојуваат 16 милиони денари за развој на спортот и подобрување на инфраструктурата.

Loading