ПАК КИНО ЌЕФ ВО МИС СТОН

Се стори сефте. Почнаа проекциите во новото кино Мис Стон со премиерата на филмот “Балканот не мртов”. За аирлија, првите влезници, ги купија министерот за култура Елизабета Канчевска – Милевска и градоначалникот Марјан Ристески, со чии заложби се доби новата кино сала, која е постулат за интензивен културен развој на филмската дејност.

Современото кино со 126 седишта, располага со модерна опрема, обезбедена од Министерството за култура.

– Киното ја збогатува културната понуда, а граѓаните ќе минуваат моменти на уживање во кино културата, гледајќи ги најновите светски филмски остварувања и запознавајќи се со актуелното македонско филмско творештво. Продолжува кино традицијата. Поставувањето на новата кино опрема е дел од проектот за набавка на нови дигитални проектори за Центрите за култура – рече министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска, на отворањето на киното.

Градоначалникот Марјан Ристески смета дека киното е голем чекор за развој на кино културата.

– Се враќа можноста за кино задоволство во градот со длабоки кино корени – рече Ристески.

Директорот на ЦК “Марко Цепенков”, Тони Чатлески, најавува дека ќе има проекции на квалитетни филмски остварувања.

– По “Балканот не е мртов”, за кој граѓаните имаа интерес, ќе има проекција на атрактивен филм. За привлекување на најмладите на големо платно, за викендите ќе се прожектираат цртани филмови  – потенцира Чатлески. 

Loading