Прва самостојна изложба на Драган Темовски
Д-р Драган Темовски, член на ДЛУП, вечерва од 19 часот во ликовниот салон ќе ја отвори првата самостојна изложба со 20 дела, создавано уште од основното образование.
– Понудата е хронологија со разновидна тематика. Ќе се видат пејзажи, апстракции, графики, портрети. Доволно е за да се добие впечаток за моето творештво. Боже здравје, па претстои изложба само со портрети и графики – вели Темовски, посочувајќи дека мислата му била делата да се видат не избразано, туку заедно во погоден момент.
Творештвото за д-р Темоски е хоби, бидејќи по професија е лекар – хирург. Црта од основно образование.
– Од дете учествував во ликовните секции. Дел од занимацијата ми беа и бродомоделарството, вајарството. Бев дел и од ликовната секција на пионерскиот дом. И во Гимназијата имав творби кои ќе бидат изложени – додава авторот.
Потенцира дека сликањето и цртањето го релаксира.
– Творењето ми е одмор од обврските. Се чувствувам исполнет. Немав време за сликање додека студирав медицина и специјализирав. Подоцна се вратив на хобито. Сликите се безвременски. Вечно можат да ги гледаат различни генерации – истакнува Драган.
Особено е инспириран од реалистичките пејзажи.
– Тие се одмор за окото и душата. Може секој кој ги гледа да се пронајде. Природата е совршенство кое не можеме да го достигнеме, иако се трудиме. Гледајќи во сликите можеме да уживаме во природата – истакнува Темовски, додавајќи дека уметноста е креативност во изградбата на личноста и е дел од секојдневието.