ГРАДОТ ДАВА СÉ ЗА ПОБЕДА

Фудбал: Многу оптимизам по смената на Управата

Први мерки: финансиска и инфраструктурна санација

Новиот УО на Победа со дел од спонзорите од Прилепската пиварница, Кабел нет, Комфи ангел, Житоприлеп и локалната самоуправа, се сретна со играчите и стручниот штаб за претставување на планот. Волшебно стапче нема. Ќе оди постепено. Приоритетна е финансиската санација, чистење на некогашни долгови, пуштање вода и струја. Напоредна мерка е реновирање на теренот. Извесно е дека стартува по завршувањето на есенскиот дел на 30 ноември, но можно е многу порано. Во вториот случај, ќе треба да се доиграат мечеви на Могила, во Битола или Новаци. Две опции се за теренот: поставување бусени или сеење трева. Комуналец и други стручни лица на располагање се за стадионот, главниот и помошните игралишта, со сопственост пренесена на Општината.

Секој почеток е тежок, сепак до крајот на есенскиот дел најавена е финансиска стимулација за играчите. В зима претстои ново договарање. Чекор по чекор, клубот да застанува на здрави нозе. Тогаш се очекува голема навала на играчи од второлигашки и прволигашки клубови. Кој не сака да игра во силна Победа? Сигурно некои од нашите ќе сакаат враќање: Сркески од Миравци, Игески, Д.Талески и Радески од Металург, Дан.Талески, Ф. Мирчески и Петрески од Напредок… Привлечени се од солидниот буџет, организацијата, амбициите, видните луѓе во УО, спонзорите.

Се најавува проширување на спонзорите  од петчлениот список, зашто кога може од Англија и Америка, можат и сите добростоечки фирми од Прилеп.

НОВ ОД ИСЛАНД

Во Победа на проба е играч од Исланд, Ристе Илиовски (19). Син е на некогашниот бек од Д. Хисар, Ѓоко Илиовски. Првите впечатоци се поволни за позицијата последен и преден за врска. Момчето е високо, брзо, левучар.

Дали оди по татковите стапки, одлучува Стручниот штаб.

УТРЕ СО РУФЕЈА

По судискиот пораз 3-1 од Тетекс, в сабота (14 ч.) деветтата Победа дома игра со 14-та Руфеја. Освен триумф ништо не доаѓа предвид за тимот на Златко Петрески.

По победата 1-0 над Локомотива, претпоследниот 11 Октомври гостува на третото Миравци.

Loading