ЗДЕНКА, ПАЛОМА, ТЕРМОПАН, ВЕГЕТА

Чудна и необична е појавата кога некои нешта се именуваат со погрешни имиња. Примери има повеќе. Ќе почнеме со ред.

Убаво уредена продавница. Богато снабдена. Освен касиерката, уште неколку продавачки им помагаат на купувачите. Влегува девојче на околу 10 години. Прашува една од продавачките :

– Тетко, дали имате ЗДЕНКА?

– Имаме, како не, – одговара продавачката.

– А каде е?

– Ене, на полицана од големион фрижидер. ЗДЕНКИ колку сакаш и какви сакаш.

Не заинтересира тоа – “Колку сакаш и какви сакаш”. Какви ли се тие различни ЗДЕНКИ? Девојчето оди до фрижидерот и зема 2 кутичиња, од оние тркалезните, со 6 триаголни парчиња од топено сирење. Дискретно, појдовме до полицата и гледаме повеќе видови топено сирење. Читаме: Зденка – МИЛКАНА, зденка – МАЕСТРО, зденка – МЕГЛЕ, зденка – СОНИ МИКС.

Значи, на тоа мислела продавачката кога рече: “Колку сака” и какви сака”. Значи и таа мисли, како и многу други, дека таквиот вид сирење, спакувано на таков начин, се вика ЗДЕНКА.

А што е тоа ЗДЕНКА?

За времето на Југославија (можеби и сега) во Хрватска, во гратчето Велики Зденци, постоеше фабрика за преработка на млеко и производство на млечни производи. Фабриката се викаше ЗДЕНКА, според името на гратчето. Меѓу другите видови сирење, се произведуваше и топено сирење кое, исто така, го носеше името ЗДЕНКА. Се продаваше тоа низ цела Југославија. Се појавија и други производители на такво топено сирење, спакувано на таков начин. Тие си носеа различни имиња, но луѓето почнаа секое такво сирење да го викаат ЗДЕНКА. Тие мислеа (и мислат) дека како што постои БИЕНО сирење, како што постои БЕЛО (меко) сирење, така постои и ЗДЕНКА сирење. Се мисли дека името е добиено според својствата на сирењето и според технологијата и начинот како е произведено. Се разбира, сето тоа е погрешно. ЗДЕНКА е само името на едно од таквите (топени) сирења.

Идентичен е случајот со хартиените марамчиња. Најраспространето и најпознато од сите нив е она, кое го носи името ПАЛОМА. Живо се сеќаваме кога една госпоѓа си земаше лекови од аптеката. Аптекарката í ги спакува лековите и í наплати колку што треба. Госпоѓата, штотуку тргна чекор – два, се поврати и вели: “Заборавив. Дајте ми и две ПАЛОМИ”. Аптекарката í дава две пакетчиња хартиени марамчиња кои немаат никаква врска со ПАЛОМА. Носеа сосема поинакво име, не се сеќаваме какво. Но, ете, луѓето сите такви марачиња ги викаат ПАЛОМА. За чудо, дури и во Речникот на Зозе Мургоски е така објаснето. Таму каде што е регистриран зборот ПАЛОМА, има објаснение дека тоа се кнични шамифчиња. Грешка! ПАЛОМА е само марката, само името на еден вид такви марамчиња. Инаку, ПАЛОМА на шпански значи гулаб. Позната беше некогаш песната “Палома бланка” (белиот гулаб).

Во поново време, многу луѓе ја менуваат старата, дрвена дограма и ставаат алуминиумска или пластична. Слушнавме еден пријател дека ја менил сета дограма во куќата и сите прозорци ги направил ТЕРМОПАН. А што ли ќе му значи тоа ТЕРМОПАН? Прва, или меѓу првите, таква дограма почна да  произведува фабриката во Панчево. Бидејќи таквата дограма има поубава термичка изолација, таму, во Пачево си ја крстија ТЕРМО – ПАН (Термо – Панчево). Но, сега луѓето, секој така изработен прозорец го викаат ТЕРМОПАН.

Своевремено, жените (постарите) подобро паметат, се појавија јоргани кои се разликуваа од оние што ги знаевме дотогаш. Во рувото за момите станаа, речиси, задолжителни тие јоргани – ЛИО. Прва што ги произведува беше фабриката во Осиек – ЛАНЕНА ИНДУСТРИЈА – ОСИЕК, скратено – ЛИО. Имаше потоа и многу други фабрики кои произведуваа таков тип јоргани, но луѓето, сите нив си ги викаа ЛИО. Се мислеше дека таквиот тип јоргани, доста лесни и исполнети со сунѓер, се викаат ЛИО. Тие јоргани се покажаа непрактични и за брзо време ги снема од пазарот. Но, името ЛИО остана во меморијата.

Има уште многу вакви случаи. Чудно е зошто! Ќе ти стават во храната ДАФИНКА (зачин), а ти велат дека ставиле ВЕГЕТА. Чудно!

Благоја Ивчески

Loading