ФУДБАЛ И РАКОМЕТ СЕ СПАС

Сиромашна понуда од спортски настани

Најпопуларната игра ја има 350 пати годишно

Пред секој викенд многу сограѓани се распрашуваат: Има ли некој спортски настан? Здодеано им е “лижење шеќер преку стакло”, гледање натпревари на телевизија. Сакаат во живо, во нивно присуство. Низ градов речиси ништо нема, освен ракомет и фудбал.

Фудбалот колку да е негиран, убедливо е најприсутен. Уште е  најпопуларен. Годишно се одигруваат над 350 сениорски мечеви. Второлигашите Победа и 11 Октомври во една сезона над 30 пати се домаќини на првенствени и куп средби. Третолигашите Варош, Кадино, Г. Коњари, Млекар, Младост, Тополчани и Партизан пред своја публика имаат по 15-16 меча, заедно 110. Најбројни со 200 меѓусебни дуели се општинските А и Б лигаши.

Ракометот е застапен со три сениорски екипи. Женскиот суперлигаш Жито Прилеп во салата “Сонце” игра 12-13 меча за првенство, куп и во Европа. Женскиот прволигаш Таста 107, како и машкиот РК Прилеп имаат по десетина дуели. И толку.

Лига систем секој викенд има уште пинг – понгот со 20 меча годишно, но без гледачи, бидејќи е во мали простории, одредени во последен миг. Други спортови речиси нема или се еднаш – двапати годишно. Има љубители на гимнастиката, но каде да ја гледаат? Порано ја имаше еднаш, напролет, сега ниеднаш. Шахот се “јавува” само за празникот 11 Октомври. Некогаш имаше лига, градско, државно првенство, велемајсторски турнири.

Не е многу подобро во останатите мали спортови, каде медалистите настапуваат само во други градови или во странство, а никогаш немале можност да почуствуваат аплаузи од своја публика.

11 ОКТОМВРИ – ЛОКОМОТИВА

В сабота (14 ч.) тимот на 11 Октомври, во борбата за опстанок дома игра со соседот на табелата, последната Локомотива од Скопје. Седмопласираната Победа има дерби на гости кај лидерот Тетекс во Тетово.

Претходно, во пријателски меч, 11 Октомври – Победа 2-1.

Loading