ИКАЊЕ И ШТУЦАЊЕ

Во квизот на МТВ водителот има обичај да поразговара со учесниците и за приватни теми. Ги распрашува за нивната професија, за нивното хоби, за брачната состојба и така натаму. Таков беше случајот и со една учесничка во финалните натпревари. Госпоѓата била мажена и нејзиниот сопруг беше споменуван повеќепати. Тоа им даде повод и на натпреварувачката и на водителот малку да се пошегуваат. И едниот и другиот велат дека, штом сопругот е многупати споменуван, тој ќе почне да ШТУЦА. Натпреварувачката, како да се присети во еден момент па го употреби зборот – ИКА. Водителот не сака да размислува и постојано вели дека сопругот ќе ШТУЦА. Тој, најверојатно, мисли дека глаголот ШТУЦА е наш. А ние имаме два глагола што можат да се употребат за ваквата појава. Едниот е ИКА, другиот е ОЛЦА. Малку е чудно што во Речникот глаголот ОЛЦА не е одбележан. Најверојатно се работи за пропуст. Употребен е на едно друго место и со поинакво значење. Таму, каде што е одбележан зборот ЛАЦНА (лацнува), објаснува дека тоа е дијалектна форма и дека треба да се рече ОЛЦНА. Тоа е, нели, ситуација кога човек незгодно ќе нагази па ќе си ја ЛАЦНЕ (олцне) ногата. Точно е тоа. Човек може да си ја ОЛЦНЕ и ногата и раката. Но, зборот ОЛЦНЕ (барем во западните говори) е мошне застапен и се употребува и тогаш кога некој ќе ИКА. Дури, можеби и е позастапен отколку ИКА. Ќе рече човек дека му пристудело па се РАЗОЛЦАЛ, почнал да ОЛЦА. Но, ете, таму во Речникот, во разделот каде се одбележани зборовите кои почнваат со буквата О, зборот ОЛЦА (олцна) не е одбележан. Не е одбележан дури и со она значење на кое сме упатени дека не треба ЛАЦНА, туку ОЛЦНА. Да заклучиме. ИКА и ОЛЦА се наши зборови. ШТУЦА не е наш и не треба да се користи.

Навистина, човек ако не запише, не може се да запамети. Воопшто не можеме да се присетиме, дали беше на радио или на некоја телевизија. Не можеме да се присетиме дали грешката ја направи новинарот или некој надворешен соработник. Знаеме само тоа дека го слушнавме зборот ОМЧА. Најпосле и воопшто не е важно кој ја направил грешката. Сакаме само да констатираме дека таа е евидентна. Чудно е зошто е употребен тој збор, без разлика кој го употребил. Грешката е до толку поголема што ние имаме наш збор доста познат и доста употребуван. Кај нас тоа е ЈАМКА. Тоа е посебен начин на врзување на ортомата, така што кога се повлекува едниот крај јамката се стеснува. Јамката се користи при извршување на смртните казни со бесење. Па нели се вели дека ако некој човек самиот си направи некаква штета, дека самиот си ја ставил јамката! Често употребуван е тој збор. Се користи и при плетењето. Котелецот е всушност мала ЈАМКА. Воопшто, зборот ЈАМКА е многу застапен. Зошто човекот употребува ОМЧА, тој си знае. Ако си знае!

Знаеме, сме слушале многупати за судските спорови што ги води владиката Господин Петар со некои црковни општини во Австралија. Таа проблематика воопшто не ни е јасна и не навлегуваме во тој непознат простор. Пред некое време, слушавме вести на некоја од нашите телевизии. Меѓу другото, бевме информирани за нешто од тие судски спорови. За некои од тие спорови, новинарката вели: “Се гледа КОНЕЧНИОТ КРАЈ”. Човек мора малку и да се поднасмее. Каков ли е тој крај што е КОНЕЧЕН?! Па конечно, всушност, значи крајно. Исто е тоа како новинарката да рекла: “Се гледа КРАЈНИОТ КРАЈ”. Таа можела да рече дека најпосле дошол крајот на судскиот процес, дека се гледа крајот, дека работата е прикрај. Можела да употреби и уште безброј други варијанти со кои ќе можела да ни каже дека му се гледа крајот на спорот. Овие судски процеси имаат одамнешен почеток. Не се сеќаваме тогаш некој новинар да речеше дека започнал ПОЧЕТНИОТ ПОЧЕТОК на спорот. А она, “конечниот крај” прилега токму на тоа.

Нема крај на јазичните грешки. Навистина, новинарката не ќе може да ни соопшти дека се гледа “конечниот крај” на грешките. Самите си го нагрдуваме јазикот. Сé уште не можеме да речеме дека самите си го уништуваме. Ако дојдеме до тој степен, ќе стане актуелна грешката со “омчата”. Некој сам си ја става…

Благоја Ивчески

Loading