ШЕКСПИР И ВОЛКОТ ЗАЕДНО

Некаде во шеесеттите години од минатиот век во прилепскиот театар се поставија (првпат) неколку пиеси од Војдан Чернодрински. Меѓу тие беше и “Робот и агата”. Од тогашната телевизија бевме информирани дека на прилепската сцена се подготвува пиесата “Роботот и Агата”. Тогашната спикерка (или лекторот) не помислиле дека станува збор за РОБ и АГА, туку си рекле дека се зборува за некој РОБОТ (механички човек ) и некоја си жена која се вика – АГАТА. Не помислиле дека во времето на Чернодрински роботите уште не беа измислени, а женското име Агата, и тогаш и сега, многу ретко го слушаме на нашиве простори. Се среќава тоа во некои туѓи јазици. Агата Кристи, англиската писателка на криминалистички драми, можеби е најпознатото вакво име кај нас. Веројатно тоа име е изведено од грчкиот збор – АХАТ. Тоа е полускапоцен камен а во некои јазици се транскрибира како – АГАТ. Па оттука и – АГАТА. Тоа и не е вачно. Чудно е како им се завртело во умот на тие луѓе дека Чернодрински можел да пишува за некаков робот и некаква Агата. Именката робот дури и ја членувале – РОБОТОТ.

За членот во нашиот јазик многупати сме пишувале. Тоа е една од битните карактеристики. Во последно време неговото испуштање зафаќа загрижувачки размери. Сме пишувале, но ќе повториме. Колкупати сме слушале или читале – Унија на жени (наместо жените), Здружение на пензионери (те), Друштво на писатели (те), Седница на Влада (та), Сојуз на борци (те) и многу, многу други. Ова е загрижувачка појава, и наместо да се спречува, таа се засилува. Тоа што никој не води сметка за тоа, сме го констатирале и другпат. Констатацијата сé уште важи.

Рековме дека ова е опасна појава. Но, уште поопасно е кога ќе сретнеме да се става член таму каде што не треба. Слушавме новинарски извештај за завршувањето на Фестивалот на античка драма во Стоби. Новинарката на Радио Скопје извести дека Фестивалот бил затворен со претставата – “Шекспир во приказните”, во изведба на Турскиот театар од Скопје. Замислете – “Шекспир во приказните”. Сме слушале за волкот во приказните, за лисицата, за вештиците и за којзнае колку животни и личности. Шхекспир не сме го сретнале во ниедна приказна. Којзнае колку приказни собрал Марко Цепенков, но Шекспир го нема во ниедна. И не може да го има. Ова што го слушнавме на Радио Скопје е глупост. Кој им рекол да ја членуваат именката ПРИКАЗНИ? Зошто – ШЕКСПИР ВО ПРИКАЗНИТЕ?! Претставата се вика “Шекспир во приказни”, а не во приказните. Овде воопшто не станува збор за тоа дека името на Шекспир се среќава во приказните. Тоа нема никаква врска. Станува збор за тоа дека шекспировите дела се прикажани како приказни. Постои и посебна книга од Чарлс Лемб каде делата се прикажани на најкраток можен начин и прилегаат на приказни. Кој сака да се запознае накратко со содржината на шекспировите дела ќе може да го направи тоа ако ја прочита таа книга, чиј наслов гласи – “Шекспир во ПРИКАЗНИ”. Ние немаме точна информација како е градена претставата во Турскиот театар, и на каков начин се поставени шекспировите дела. Но, како и да е, насловот не може да гласи “Шекспир во ПРИКАЗНИТЕ”. Шекспир не е ни Снежана, ни Аладин, ни Црвенкапа. Неговото име не се среќава во ниедна приказна. Може да се прават (и така се направени) приказни од неговите дела. Затоа, насловот на претставата од Турскиот театар гласи – “Шекспир во ПРИКАЗНИ”, а не “Шекспир во ПРИКАЗНИТЕ”. Да се надеваме дека тоа беше само грешка на новинарката.

Рековме дека испуштањето на членот е опасна работа, но уште поопасно е тогаш кога се додава таму каде што не треба.

Благоја Ивчески

Loading