“ЛАЗАРКИТЕ” ОД ЛУЧЕСКА ВО КРАТОВО

Со документарниот етнолошки филм “Лазарките од Струшко поле”, етнологот  д-р Ели Луческа, директор на Институтот за старословенска култура, се претстави на вториот меѓународен фестивал на етнолошки документарен филм во Кратово. Во  20 минутните подвижни слики е раскажан обичајот “лазарица” сé уште присутен во селата од струшко.

– Лазарки се девојчиња од 12 до 15 години, облечени во невестински и момински празнични носии. Снимени се сите обредни дејствија, изведувани за време на лазарувањето, почнувајќи од четвртокот пред Цветници, кога се берат цвеќиња, се плетат китки и венци и се украсуваат црквите и светите извори, па сé до неделата со обиколката на Лазарките по куќите низ селата, кога пејат и играат лазарски песни и ора – вели авторот.

Во реализацијата на филмот, прикажан во конкуренција на етнолошки творби од повеќе автори од  Македонија, Австрија, Норвешка, Холандија, Белгија, Хрватска.., беа вклучени и етнологот Анита Ѓоргоска и Горан Василески, студент по етнокореологија.

Loading