МУЗИКАТА Е КАДИФЕ ШТО ГАЛИ

Кире Талески, тенор во Октетот Прилеп

Кире Талески, (70) е прв тенор во октетот Прилеп. Тој го одржа последниот концерт синоќа и се прости од пробите и настапите во октетот што ги негува староградските песни. Се повлече со песна. Заради проблеми со гласот, ја затвори, само пеачката кариера, но не се предава, туку ќе придонесува од заднината на октетот да остане да живее со музиката како досега, можеби 65 години.

За него музиката е душа, мелем на рана, кадифе која го гали срцето преку сетилата за слух. Од мали нозе му се легнати акордите, ритмите, тактовите и не се откажува од активниот контакт и по седум децении.

– На шест години отидов во нижото музичко училиште да свирам виолончело. Настапував со оркестри во училиштата. Со хоровите, станував нивни член. За своја душа свирев гитара. Бев дел од групата на просветните работници “Пере Тошев”. Пред 19 години, заедно со Пејакот, го формиравме октетот –  раскажува Талески.

Пеењето дошло спонтано, зашто со гитарата бил мераклија да истегне со жиците и да испее со грлото некоја староградска песна.

– Не беше наметнато, туку спонтано. Ги искористив гласовните можности и почнав да пејам. Музиката ме релаксира, ме разнежнува и ми предизвикува благопријатно расположение. Отвора ведрина, зрачи оптимизам и радост. Често дома го сеќаваа моето располжение по музиката, песната. Кога свирев гитара, кога ќе бев изнервиран, кога не ми одеше, свирев “бесно”, кога бев смирен, кога имав милост во душата, звуците беа многу попријатни. Бидејќи сега чувствувам слабост во гласот време е да отстапам место за наследство на младите. Но, ќе помагам, оти срцето ми е со октетот – додава Кире, потенцирајќи дека неговиот живот е музиката и песната.

Со октетот “Прилеп” испеале многу песни.

– Творевме, создававме и оставивме музички капитал. Испеавме стотици староградски песни, сите драги, која од која повеќе. Една до една ги сакам, како мајката која си ја сака челадта. Имаше композиции кои повеќе ги пеевме, а и публиката ги бараше. Еве на пример “Пусти мерак Ратке”, која не е наша песна, ама аранжманот е на Слободан. Ни легна на октетот, на публиката. Има песни кои се вечни и блиски. Така и ќе останат – раскажува Кире Талески.

ГОДИШЕН КОНЦЕРТ НА ОКТЕТОТ ПРИЛЕП

Октетот Прилеп сношти го имаше редовниот годишен концерт, претставувајќи се со дел од богатиот репертоар на староградска музика. На репертоарот беа композициите “Песна за Прилеп”, “Розо Моја”… Гости на октетот беа Сефедин Бајрамов и Билјана Дамјановска.

Октетот ја одржува традицијата на староградската песна 19 години, закрилен од ЦК “Марко Цепенков”. Издал три албуми со 40 композиции. 

Loading