ЗА НАПАГАЊЕ ТРЕБА АРГУМЕНТИ

Сме сретнале многу луѓе и многу често да реагираат за јазичните недоследности од скопските телевизии. Понекогаш тие реакции се и мошне нервозни. Многу често и неоправдани. Точно е дека од скопските телевизии слушаме многу, премногу грешки. Грижата за јазикот е мошне мала. Но, состојбата не е подобра и во другите градови. Па и во локалните медиуми. Новинарите од скопските телевизии ни се редовни гости и затоа најмногу ги забележуваме нивните грешки. Слушаат луѓето, се нервираат, реагираат за она што мислат дека е грешно. Се случува интересна ситуација. И оние што прават забелешки, ги прават истите грешки, за кои не се свесни. Им пречат некои зборови кои не се прилепски и за кои сметаат дека не треба да се употребуваат. Кога ќе се најдеме во некоја таква ситуација, честопати, потпрашуваме на кои грешки мислат конкретно. Интересно! Од сите реакции што сме ги слушале, најанатемисани се зборовите (глаголи) ЗБОРИ и БУТКА. Сме се обидувале во многу наврати да објаснуваме дека тоа и не се некои големи грешки, поточно, не се грешки. Тие зборови не се карактеристични за прилепскиот говор, но тоа не значи дека немаат корен во македонскиот јазик. Секое напаѓање треба да биде аргументирано. А аргументите за напаѓањето на овие два збора не се многу силни.
Да расчистиме прво со глаголот – ЗБОРИ. Карактеристичен е тој во скопскиот говор. Но, не е туѓ. Не е “купечки”. Во нашот јазик има многу глаголи, образувани од именки, кои имаат наставка – И. На пример: ПАЗАР- ПАЗАРИ (може и пазарува), СОН – СОНИ (може и сонува), ЖАЛ – ЖАЛИ, ДЕЛ – ДЕЛИ. Постојат многу примери. Таков е случајот и со ЗБОР – ЗБОРИ. Точно е тоа дека литературната норма е – ЗБОРУВА, но ЗБОРИ не е ништо туѓо. Во Речникот (тритомниот) регистриран е глаголот ЗБОРИ, со упатување на – ЗБОРУВА.
Проблемот со глаголот БУТКА е уште помал. Односно, не постои проблем. Зборот е наш, но не е распространет насекаде. Во скопскиот говор е повеќе застапен. Го има истото значење со глаголот ТУРКА. ТУРКА има определено предимство само поради тоа што се користи во повеќе места од Македонија. Позастапен е отколку – БУТКА. Но тоа никако не значи дека БУТКА треба да го истуркаме некаде како непожелен збор. Па дури и таму каде што глаголот БУТКА малку или воопшто не се користи, го има глаголот – БУТУРИСА. Коренот е тука. Значи зборот (глагол) БУТКА воопшто не треба да биде проблематичен. Одбележан е во Речникот. И именката БУТКАНИЦА не е за обесправување. Рековме, ТУРКА (турканица) има предност поради поголемата застапеност. Има уште два збора (именки) за кои има големи реакции. Раката на срце, нив не ги слушаме на малите екрани. Се среќаваат во приватни разговори кога станува збор за жители од Скопје. Се работи за именките РУКИ и НОГИ, како што ги изговараат скопјани. Да расчистиме, прво со РУКИТЕ. Во северните говори употребата на вокалот У е доста застапена, а во литературниот јазик тој нема место. Наместо него, во ваквите случаи доаѓа вокалот А. РУКА – РАКА, МУКА – МАКА, ПУТ – ПАТ и така натаму. Но, мошне е интересен случајот токму со овие две именки – РАКА и НОГА. Именките од женски род, во македонскиот јазик во множинска форма имаат, обично, наставка И – МАКА – МАКИ, КОЛА – КОЛИ, ПЛАНИНА – ПЛАНИНИ, НИВА – НИВИ и така натаму. Според тоа правило множинската форма од РАКА и НОГА треба да гласи РАКИ и НОГИ. Ама ете, единствено овие две именки отстапуваат од правилото и добиваат сосема поинаква наставка – РАЦЕ и НОЗЕ. Според тоа, кога ќе чуеме некој скопјанец да вели НОГИ, тоа не е без некаква основа. Се разбира, и РУКИТЕ (раките) и НОГИТЕ си остануваат само како локализми. Литературната норма се знае – РАЦЕ и НОЗЕ. Рековме дека само тие отстапуваат од општото правило и во множината немаат наставка И. Еве, се ставивме малку во улога на “заштитник” на скопјани. Не треба да се напаѓа и да се критикува сé и сешто. Да ги критикуваме скопските телевизии за употребата на многу србизми, многу погрешни реченични конструкции, погрешно акцентирање, а во последно време и за употреба на многу англиски зборови. А она што е локален говор не е голем грев, единствено што таквите зборови и изрази немаат место во литературниот говор.

Благоја Ивчески

Loading