РОМАНТИЗАМ И ИМПРЕСИОНИЗАМ СО БРАМС, ДВОРЖАК, ДЕБИСИ

Концерт на дуото Passionato
Дуото Passionato, составено од брачната двојка пијанисти Мелани и Филип Пеоски, в среда во ЦК “Марко Цепенков” од 19.30 часот ќе одржи концерт, на кој ќе бидат исполнети дела од Брамс, Дебиси, Дворжак со унгарски танци, Петте суити, словенски танци.
– Содржината е со познати класични композиции од романтизмот и импресионизмот. Ќе доминираат танци наменети за повеќе музички вкусови. Претендираме на публиката да í пренесеме љубов и интерес за класичната музика – велат Пеоски.
Мелани Пеоска, која своето образование го формира на Музичката академија во Загреб, е магистер и професор по пијано. Добитник е на високи признанија и награди на натпревари во Хрватска, меѓу кои прво место на натпреварот “Мали Амадеус”, второ на државниот натпревар по пијано и камерна музика, на посебната награда “Фонд Јанка Шањек”, за најдобар ученик во средно училиште. Имала концерти во Хрватска, Германија, во Австрија, низ Македонија… Таа е хонорарен корепетитор на Музичката академија во Скопје. Во 2008 година, Мелани има снимено албум со познати класични евергрини.
И нејзиниот сопруг, Филип Пеоски, е професор. Завршил на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2009 год., а од 2011 е магистер. Пијанистичкиот развој го поттикнала проф. Стела Слејанска. Има многубројни солистички концерти и настапи во групни концерти низ повеќе градови во Македонија. Носител е на повеќе дипломи и признанија.

Loading