КАПЕЛАТА ЗА ДВА МЕСЕЦИ, А ФАБРИКАТА ЗА ЃУБРЕ В ГОДИНА

Златко Ристески – директор на ЈП Комуналец
– Користењето на капелата ќе биде доброволно, а цените на услугите нема да се зголемуваат
Највиталната јавна градска компанија, ЈП Комуналец, покрај ЈП Водовод и канализација, интензивно “турка” два суштински развојни проекти, паралено не занемарувајќи ја основната дејност, одржувањето на хигиената на градот, на јавно – сообраќајните површини, собирањето и транспортот на градскиот смет, одржувањето и подигнувањето на нови парковски и други површини и одржувањето на старите и новите градски гробишта.
Директорот на ЈП Комуналец, Златко Ристески, е оптимист. Секогаш ведро влегува во костец со проблемите, иако секое утро тргнува на работа со мисла како да распредели малку пари на повеќе барања.
Како успевате да ги избалансирате трошоците и приливите?
Не се жалам. Успеваме да излеземе на крај со обврските од повеќето зафати. Не е лесно. Има напорни и нервозни моменти. Но, тоа го разбирам како дел од преземените обврски уште од времето кога седнав на директорската фотелја. Беше бетер пред седум – осум години. Сега е такаречи “шеќер”, многу е полесно. Обврските се помали повеќепати. Плус, последниве години имаме и нови растечки приливи од собирањето на секундарните суровини, пластика, хартија и друго, со теденција на постојан подем. Тоа е крупен зафат. Нé “јаде” растот на цената на нафтата, но не отстапуваме од ставот да не се корегираат цените на нашите услуги, иако тие се проектирани на ниво од 50 денари од литар нафта, а сега трошоците за таа намена се зголемени, според цените, за 40 отсто или нафтата преминува 70 денари од литар. Како и да е, граѓаните да не стравуваат од зголемување од цените на комуналните услуги. Тие остануваат на сегашното ниво, најниски во земјава.
Пред окончување е инвестицијата на капелата на новите градски гробишта. За колку време може да се очекува да биде ставена во функција?
Капелата е во последна фаза. Останати се детали за завршување за два месеца. Останува да видиме колку ќе чини експлоатацијата на капелата. Животниот стандард ќе биде водилка за цената на услугите на капелата, кои нема да бидат задолжителни, со декрет, туку по желба и избор на семејствата. Нема да печалиме оти е неизбежна потреба на граѓаните. Се скенираат цените во градовите каде има капела. Сметам дека сумата за целата услуга би била околу 3 000 денари. Во зависност од желбата на блиските, покојниот можеме да го изложиме до еден ден, зашто е голема салата. По наши проценки, и дома да се чува покојниот сумата би била иста, можеби и поголема. Тоа би им олеснило многу за граѓаните во станови, зашто е тешко да се носи ковчег по скали. Можеби ќе бидеме во минус од 10 отсто да им ја укажеме на граѓаните потребата за капела. Барем малку да им олеснеме на нажалените во најтешките моменти.
Каква ќе биде капелата?
Во капелата ќе има место и за свештеници, што ќе го реши проблемот за покојните на старите гробишта. Оставаме на нажалените каква процесија сакаат , дали во црква или во капела. Ќе има четири вработени во три смени, кои ќе ги вршат нужните работи за мртовецот, кој што треба да се измие, испере… Може да се постави и некој што би се грижел за изгледот пред закопот. Сакаме да дадеме повеќе услуги, кои не мора да се користат од сите. Граѓаните ќе одлучуваат колку од понудените услуги ќе користат.

Како се движи инвестицијата на градбата на фабриката за преработка на ѓубрето кај депонијата Алинци?
Стигнати се машините и опремата за фабриката за отпад. Имаме законски застој поради совпаѓањето на времето со изборите. Затоа беше запрена градбата за тоа време. Поднесен е сработен проект за влијанието врз животната средина до министерството за животна средина. Со дадената дозвола мислам дека за месец – месец ипол, патот ќе биде отворен и ќе завршиме со градбата на халата. Избран е градителот и сумата се знае. Целиот објект ќе чини 18 милиони денари, каде влегува халата, уредување околу халата, доводот на струјата и вода. За шест месеци ќе го завршиме тој дел. Зависи кога ќе ја добиеме дозволата за градба. Во мај или јуни ќе почне да работи фабриката.
Каков смет ќе се преработува?
Веќе се селектира ѓубрето со двете канти што ги добија граѓаните и со уличните и маалските контејнери за пластика, хартија и друг отпад. Во првата фаза и трите контејнери за селекција завршивме со примарната селекција. Очекуваме до крајот на годинава да ја завршиме примарната селекција. А втората фаза е фабриката, односно секундарната селекција. Таа ќе го обработува сметот што граѓаните нема да го селектираат. Сé што може да се користи, ќе се продава, а сé што не ќе може да се продаде ќе се бара некоја топилница за горење на гумата или пластиката или ткаенините. Органскиот отпад би се одвоил за компостирање. Сакаме да почнеме со секундарната селекција да видиме колкава количина ќе има на располагање и какво ѓубре ќе се селектира, за во иднина да се димензионира опремата за компостирање и другите придружни објекти, за рециклирање или согорување. Метален отпад нема, а е најлесен за продажба. Ѓубрето содржи двокомпонентни материјали, на пример спој на текстил и алуминиум. Тука е специфична продажбата. Точниот број на остаток при селекцијата ќе се знае со ставањето во функција на фабриката. Мора да се направи физички или биолошки третман. Сé што ќе остане да го депонираме. Една година ќе анализираме како стоиме со отпадот, кој не може да се преработи за да имаме проекција за отпадот што би се согорувал.
Што ќе се случува со материјалите кои се рециклираат?
Пластиката, хартијата и сега се продава со обработка. Органскиот отпад е 65 отсто. Тој ќе биде за компостарата. Гумите послабо одат, но ги издвојуваме. Проблем е текстилниот дел. Ткаенината е проблематична за продажба. Ќе имаме маркетинг служба која ќе бара муштерии и ќе ги следи ценовните трендови на текстилот. Сакаме да купиме дробилка која ќе го обработува шутот за понатамошна употреба.
Какви се ефектите од примарната селекција на сметот?
Како што оди, би се добивале 600 илјади денари месечно само од продажба и тоа само од примарната селекција. Со фабриката секако дека ќе се качи повеќе. Очекуваме да се зголеми продажбата, а со тоа да го компензираме секојдневниот раст на цената на нафтата.

Loading