ГОЛГЕТЕРСКИ ТАЈНИ НИЗ ДЕМОНСТРАЦИЈА

Ракомет: Пеце Велјаноски е нов тренер на Жито Прилеп
– Легендата ќе ги пренесува техниките со кои разбиваше противнички одбрани
По разделбата со Борче Марковски, стратег на ЖРК Жито Прилеп е Пеце Велјаноски, легенда на Тутунски од седумдесеттите до деведесеттите години на минатиот век. Беше тренер во машката и женската екипа, во младата репрезентација, со која го постигна најголемиот успех – четвртото место во Европа. Меѓу 1998 и 2002 ги тренираше Кузманоски, Ристовски, Лазаров, Темелков, Миркуловски, Стоилов… Од богатото искуство како бек, се памети техниката, финтите со кои искривуваше противнички рбети, разбиваше одбрани.
– Демонстрирав на првиот тренинг. Се чувствувам доволно силен да покажам како треба – вели Велјаноски.
Работи со 20 првотимки, од кои најдобро ги познава Гичева, Аџулеска, Адамческа, репрезентативката Шалевска, Ивановска… Тимот е од искусни и помлади. Заложбата е за младински погон од каде секогаш ќе има кандидатки за првиот тим. Градов мора да вади сопствен кадар.
– Моја поддршка за младинско – пионерската школа. Стојам на располагање. Координација мора да има да дојдеме до целта – смета Велјаноски.
РФМ го пролонгира првенствениот старт за 7 октомври, оти натпреварувачкиот систем не е дефиниран. Се чека изјаснување на шампионот Вардар, кој доколку откаже, истото ќе го направи и Металург. Во тој случај Лигата ќе има четири тима.
– Треба побројна лига. Нема напредок без повеќе мечеви – порачува Пеце Велјаноски.
Елитата – сон
Надолго може да се зборува за неостварениот сон на Тутунски за влез во Првата југословенска лига. Неколкупати беше на прагот. Попусто. Дали некој од градов не сакаше во елитата?
– Можеби. Заслуживме, а не успеавме – жали Велјаноски.
Гостин ПАОК
Можно е на пријателски меч да гостува солунски ПАОК. Како Жито Прилеп и Гркинките бараат ривал за тест. Пред шест месеци екипите имаа соочување, на кое со 23-22 победија прилепчанките.

Loading