АВАНТУРА

За побрзо да се стигне на целта треба да се оди по најдобриот и најкусиот пат. Но, на човека понекогаш му се присакува да тргне по беспаќе, прекутрупа. Па и низ непрегледна шума. Ризикот, да не се стигне на целта, е голем. Овојпат ќе влеземе во една таква авантура, макар и да не успееме да постигнеме некакво решение.
За што ќе станува збор? Речиси на сите им е позната, или барем имаат слушано, за комедијата од Бранислав Нушиќ “Госпоѓа министерка”. Комедијата е играна речиси во сите македонски театри. Со задоволство сме играле и ние лично во таа прекрасна комедија. Насловот на оригиналот (на српски) гласи – “Госпоѓа министерка”. Во македонските преводи воопшто не е интервенирано и е преземен истиот наслов. А дали е тоа правилно? Одамна сме размислувале и отсекогаш ни се вртело низ глава дека тука има некаква мана. Мнозина, именката МИНИСТЕРКА ја употребуваат и со значење на жена на министер и со значење на функција што ја извршува жена (министерка). Некои именки кои означуваат определена функција треба да се употребуваат во машки род без разлика дали извршителот е маж или жена. Претседател, директор, премиер, канцелар и така натаму, си остануваат во машки род, иако извршител може да биде жена. На пример, германскиот КАНЦЕЛАР Ангела Меркел, МИНИСТЕРОТ за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, државниот СЕКРЕТАР Хилари Клинтон. Така треба. Но практиката ни покажува дека се тргнува по една друга линија и често слушаме германската КАНЦЕЛАРКА, американската СЕКРЕТАРКА, МИНИСТЕРКАТА за култура и така натаму. Овој процес тешко дека ќе може да се спречи. Затоа, кога ќе го чуеме зборот МИНИСТЕРКА, не знаеме дали станува збор за министерка по функција или пак е тоа жена на министерот.
Да се вратиме на комедијата “Госпоѓа министерка”. Интуицијата и јазичното чувство сигнализираат дека тука постојат две грешки. Именката ГОСПОЃА треба да биде членувана – ГОСПОЃАТА. Во комедијата не станува збор за некојаси неопределена госпоѓа министерка или пак за некоја карактеристика својствена на министерките воопшто. Овде Нушиќ создава, зборува за еден тип на таква жена. Жена со невообичаени својства, која Нушиќ ја крстил Живана Поповиќ. Станува збор за точно определена личност, за определена министерка и затоа треба да гласи “ГОСПОЃАТА министерка”. Именката госпоѓа треба да биде членувана – ГОСПОЃАТА. И со самата именка МИНИСТЕРКА нешто не е во ред. Не се знае дали е тоа жена на министер или министерка по функција. А како може да се направи тоа да стане јасно? Да тргнеме по еден друг пат.
Да видиме како се формираат женските имиња според името на мажот. Малку се подизбегнува ваквото именување, но тоа сепак е карактеристично за нашиот јазик. Жена му на Петре ќе биде ПЕТРЕВИЦА, жена му на Јован – ЈОВАНИЦА, на Трајко – ТРАЈКОВИЦА итн. Да видиме како би се образувале женските имиња според професијата од мажот. Ако дојде жената од директорот, нема да речеме дека дојде директорката, туку ќе речеме – ДИРЕКТОРИЦАТА.
Ќе земеме пример од една приказна од Марко Цепенков. Таму, една жена сака да си го заколи својот маж, а потоа да се омажи за САДРИЈАЗАМОТ (Велики везир) и така да стане САДРИЈАЗАМИЦА. Цепенков не вели САДРИЈАЗАМКА, туку САДРИЈАЗАМИЦА, што значи жена на САДРИЈАЗАМОТ. Ако рече САДРИЈАЗАМКА би се разбрало дека таа сака да биде на таква функција, да биде жена САДРИЈАЗАМ. Но, ете, таа сака да биде САДРИЈАЗАМИЦА. Како некоја жена што сака да се омажи за капетан и да стане КАПЕТАНИЦА, а не КАПЕТАНКА.
Да се вратиме на “Госпоѓа министерка” (Госпоѓата министерка). Таа жена, Живана Поповиќ не е министер, туку е жена на министер, односно е МИНИСТЕРИЦА. Можеби би можело и МИНИСТЕРОВИЦА. Исто како онаа жена од приказната што сака да стане САДРИЈАЗАМИЦА, Живана е МИНИСТЕРИЦА. Зар не би било подобро насловот да гласи “Госпоѓата министерица”? Зар не би било појасно, попрецизно, дека станува збор за жена на министер?
Мал е бројот на луѓето што би ги интересирала оваа проблематика. Мали се шансите и оваа наша мисловна авантура да донесе некаков резултат. Ама, луѓето рекле “Тоа што ми е на срце, тоа ми е и на уста”.
Ова размислување го носевме одамна. Сега со овој напис не сакаме ништо да твдриме. Сакаме само да го отвориме прашањето и да укажеме на едно поинакво размислување. Рековме дека насловот на комедијата “Госпоѓа министерка” е само директно преземен од српскиот оригинал. Сигурно е дека тука нешто не е во ред. Па… можеби некој, некогаш ќе размисли малку поинаку. Можеби некогаш ќе се најде посоодветно решение.

Благоја Ивчески

Loading