КАКО ДА НЕМА УТРЕ

Прилепчани се кафанџиски народ. Мераклии се на добра веселба, друштво, музика, сето тоа со мезе и залеано со некоја пијачка. Дали на времето се седело по чајџилници, меани, крчми или во поново време во кафеани, ресторани и кафулиња не е битно, зашто табиетите не се “спласнати”. Ретко кој седи “мадро”. Со минута слободно време, се “фаќа” чаршијата за, како што се вели, кафе или нешто плус. Изразот “на кафе”, подразбира од двеминутна средба со турско кафе, до целовечерна пијанка со многу алкохол во вените. Тоа е лесен изговор да се излезе од дома. Само враќањето и објаснувањето после е тешко.
И сега, и на времето, со душа се чекал некој празник, слава, именден, роденден или што да е, да се собере друштвото и да направи дебел цех. Така и на фотографијава има збрани луѓе кои не мислат на утрешната мачнина. Наздравуваат со пијачките додека не им “се гледа двојно”. Поводот и не е толку важен, зашто ова било одлична прилика некој непознат некому да му стане “брат” и “најдобар другар”, по неколку чаши, кога ќе “забревтаат” малиганите во крвта. А ете, покрај мажите со кренати чаши има и по некоја жена, да го подклоцне сопругот под маса да не претерува со пиењето. Единствено, младиот келнер морал да одолева и да подголтнува на секој коњак, вињак, ракија, мастика или пиво што го носел до веселите гости. На него останувало да води сметка кој колку испил и кој останал борчлија.

Loading