ЈАС ТИ ВЕЛАМ АНТЕ, А ТИ МИ ВЕЛИШ АНТЕКУРЕЛА (1)

Пишува Даниел Мелвил

Ова не е сатара, а богами не е ни сатира. Пред некој ден, еден шебек, и тоа, прилепски, ми намниса нешто, та се присетив на една моја стара сторија и филмот на спомените почна да се одвиткува во главата. Во тоа време ми се случуваше понекогаш да живеам како волк самотник, иако башка од тие периоди бев всушност друштвено момче. Ајде, си реков, ќе појдам на Солунска Глава за која сум слушал, ама уште на неа не се имав искачено. 2450 метри надморска височина, убави широки хоризонти, нема што. Речено, сторено. Во родниот град Прилеп го јавнав возот и ајде до Богомила. Од Богомила му тргнав пеш. Можеби хронологијата на оваа екскурзија овде не ја пренесувам баш најточно, меморијата може понекогаш да си игра охајбе со човек, ама главното ќе го раскажам, макар и без ред. Се разбира ќе се помачам да пишувам на централно наречје, литературен јазик, со акцент на прилепскиот говор. До душа ќе се трудам да не зборувам сосема по прилепски, инаку ќе направам кркамбар, а не расказ за стар спомен чист, дестилиран. Одејќи, качувајќи се нагоре, почнав да го слушам шумот на реката Бабуна, чии брзи води слегуваа од височина. И што гледам, ве молам? Една русокоса девојка седнала и апла се гледаше дека е ептен вознемирена. Куси панталони, некаков спортски џакет, релативно мала раница, патики. Си реков: Оваа тргнала како да оди на свадба, а не в планина. Право да кажам, во тоа време кај нас чупите и на свадба не одеа по куси панталони. Оваа многу беше убава, до таа мерка што почнав да подголтнувам кога ја погледнав од поблиску.

– Добар ден, чупе! Што има, да не ти се слошило?

– Ме касна змија, ми одговори.

– Како, каде?, се заинтересирав.

– На бутов.

– Де покажи, да видам.

Кога се загледав во таа пуста нога, долга, красна за малку ќе паднев на ѓотлук (додуша немав ѓотлук на панталоните). Гледам, гледам, проучувам, студирам, па í реков:

– Не чупе, змија те нема каснато, туку негде си се издраскала. Каснувањето од змија се познава по двете дупки на кожата оставени од отровните заби.

Извадив од мојата стара кожена раница, можеби ја носел некој комита, пагурче никодинска ракија и со неа го дезинфицирав местото, врз кое, потоа, залепив парче фластер.

– Готово, успокој се девојче, не е болест за умирање.

Девојката стана и се виде дека ме шие по висина за неколку сантиметри:

– Многу благодарам! Се викам Божана.

Ми ја подаде десната рака со долги и музичарски прсти.

– Нема на што. Јас сум Јане. Каде одиш вака?

– На Солунска Глава.

– Солунска Глава? Не е баш блиску. И јас таму одам, ако сакаш да одиме заедно.

– Сакам. Ајде тогаш да тргнеме.

Одејќи, Божана ми раскажа дека дошла од Америка на гости кај дедо í и баба í, а родителите останале во САД.

– Не си се спремила добро за ваква прошетка, í забележав.

– Ами што знам јас, не ги познавам овие места.

– В планина на прво место треба да си носиш стап за секој случај, а и поинаку да бидиш облечена.

– Ах.

– Да, Божано.

Таа зборуваше со едвај слушлив, ама шармантен американски акцент.

На едно место запрев и ја информирав:

– Местово се вика Празниторба, оти кога патникот ќе дошол довде, толку се осетувал изгладнет, што застанувал да поткасне нешто од торбата. Ајде и ние да направиме пауза. Седнавме, извадовме леб и други храни, па му удривме на јадење, делејќи го кој колку што донесол со себе.

– Долу, во Бабуна имало добри риби, сигурно многу вкусни – реков.

– Јас многу сакам риби, нарочно слатководни, ми кажа девојката.

Јадејќи се насмевнав:

– Празна раница, не варди граница.

– Не разбирам, ми рече.

– Па ете, ако војникот нема јадење, потешко му е да се бори. Ова е една наша пословица.

– Ах, сега разбрав.

Станавме и го продолживме патувањето. Божана се затрча речиси.

– Јаваш, јаваш, í реков.

– Што?

– Не брзај толку, има уште доста пат пред нас. Гледај Божанчето, ова место се вика Бабина Дупка, а погоре е Марина Дупка. Како што гледаш полна е со снег, овде ќе ја наполниме матаркава со пресна студена вода што капи од снегов.

– Зар не се стопува преку летово?

– Не, и во двете дупки останува преку целава година.

– Од каде иде името?

– Во турско време, баба и внука бегале од некој Турчин кој ја засакал внучката Марија. Овде од измореност паднала мртва бабата, а погоре и  Марија. Така вели легендата.

По некое време,  пак запревме, колку да запалам една шиена (обично тогаш туткав цигари од качак, ама сега со мене носев фабрички цигари). Продолжив да и објаснувам на Божана:

– Овде е Чеплес, така се вика местово. Ќе ноќуваме во планинарскиот дом, па утре ќе појдиме на Солунска Глава.

– Како, зар да спиеме на пат?! – се изненади “Американката”.   

– Да. Оти ти си мислела дека Солунска Глава е блиску?

– Ми се чинеше дека не е далеку.

– Е, пред да тргнеш си требало добро да се информираш и подобро да се екипираш за ваква екскурзија.

– Ах.

Ноќта ја минавме спортски во планинската куќа, легнати на кревети наредени еден до друг. Се покривме со ќебиња. Сабајлето го прашавме чуварот:

– Далеку ли е одавде Солунска Глава?

Тој ни одговори со својот силно изразен селски изговор:

– Ако одите полека, за едно два саати сте таму, а ако побрзате за саат-саат ипол.

Ни го покажа патот и тргнавме. Во близина беа Нежиловските Стени изделкани од некоја стара далечна катаклизма, земјотрес, што ли. Прави како ѕид се спуштаа од осумстотини до илјада и двесте метри надолу, по реката Бабуна, чиј шум на брзите води, иако ослабен, го слушавме.

И оди, оди, оди, саат, два саати, никако да стигнеме до врвот. Се заоблачи и нé фати еден дожд што не сакаше да престане. Ете што значи селски саат, си велев, за овчар, за селанец со здрави нозе, еден саат е колку за граѓанин два, три, а може повеќе. Што знае оној селанец за часовник и за саати?!

Немав часовник, а и Божана не носеше, та не знам после колку време најпосле стигнавме до врвот. Додека девојката гледаше наоколу до далечните хоризонти, í кажав дека некои тврдат, кога времето е чисто, ноќе од тука се гледале светлините на градот Солун. Имаше една метална кутија прицврстена во карпата и во неа тетратка со потписи на луѓето кои го посетиле тоа место. Имаше и плајваз врзан со канап за тетратката. Се потпишавме и ние, па после уште еден поглед, тргнавме назад накај планинарската куќа. Стигнавме изводенети до гола кожа. Сами меѓу креветите на катови, се соблековме до гаќите и ги распростревме облеките да ни се сушат.

Продолжува

Loading