ТРАГАЊЕ ПО МИСТЕРИИТЕ НА ЦРКВАТА СВ. НИКОЛА

ВО СЕЛОТО МАНАСТИР, МАРИОВО

За кусо време почнуваат археолошките доистражувања на црквата Св. Никола во селото Манастир во Мариово. Според раководителот д-р Бранко Ристески, научен советник од Инстутот за старословенска култура, ќе се заокружат сознанијата  за овој значаен црковен објект.

– Првпат истражувавме околу црквата во 1990 година. Се работи за многу важен дел, во кој досега се откриени значајни остатоци од историјата на културата на централно балканските простори. Очекуваме да ги финализираме и да ги публикуваме нашите нови сознанија – вели д-р Ристески.

На просторот имало рана фаза на организирање на религиозен живот од 11 век, па потоа втората фаза од 13 -14 век, која се смета дека е највисока во развојот на манастирот.

– Пронајдовме важен движен материјал, садови за покрстување – додава археологот.

Црквата Св. Никола, е еден од најубавите споменици на средновековната архитектура, култура и уметност во прилепско. Денешниот изглед е завршен во 1266 година. Изградена е на темели на постара црква, за која се верува дека е подигната во 1095 година од протостраторот Алексеј, роднина на византискиот император Алексеј Комнин. Црквата е трикорабна базилика без нартекс. На источната страна завршува со три тристрани апсиди. Живописана е со живопис со вредни уметнички, иконографски и светски признати квалитети. Во натписот на централниот кораб пишува дека подготовката за живописување ја направил ѓаконот Јован, “референдар на пресветата архиепископија”, кој повикал вешти зографи да ја насликаат. Манастирот бил напуштен кон крајот на 19 век, кога замрел монашкиот живот. Последен монах бил од групата на руската емиграција и се викал Нестор. Пред неколку години се возобнови монаштвото и сега тој е  дом на отец Никола.

Loading