СВОЈА САЛА – ФАНТАЗИЈА

РАКОМЕТ: АЛЕКСАНДАР РАДОСАВЉЕВИЌ, ТРЕНЕР НА МИЛЕНИУМ

Петдневен гостин на женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп беше српскиот суперлигаш, Милениум од Белград, предводен од тренерот Александар Радосављевиќ.

Клупската соработка е до ниво на збратимување?

– Од година во година сé побогата. Кај нас дојдоа на осмомартовски турнир, ние кај нив на летни подготовки. Условите се одлични.

Сличности меѓу двата клуба?

– Спонзорите, најдоброто решение во спортот. Идентична е стратегијата со млади тимови, од тинејџерки. Откриваме таленти, даваме можност на надежните, а не купуваме играчи.

Разлики?

Пријатно сум изненаден, ние немаме, а тие имаат своја сала. Тоа во ракометот е – фантазија.

Прилеп?

– Иако е најфудбалски град, ми асоцира на ракомет, оти фудбалот не ми е омилен. Доаѓам по 22 години, а последниот пат, некаде 1991 како пикер и бек на Металац Ваљево, гостувавме на Тутунски. Овде тешко се освојуваше бод, а тимот беше речиси рамен на Пелистер. Прекрасни спомени за добрите стари времиња – заврши Радосављевиќ.

ДВА ТЕСТА

Во салата “Сонце” двапати одмерија сили Жито Прилеп и Милениум. Првиот меч гостинките го добија со голема разлика 20-36 (11-15), а вториот со помала 27-36 (14-21). Најефикасна од домашните редови беше Шалевска, стрелец двапати по осум гола.

Ако отпадне турнирот во Србија, Жито Прилеп продолжува со домашни контроли. 

Loading