РУСИН, А НЕ РУС

Своевремено се поставуваше споменик во Прилеп. Љубопитноста е нормална. Насобрани луѓе за време на поставувањето и потоа. Коментари различни. Слушнавме и една ваква реченица: “Споменикот одличен, но ПОСТОЛЈЕТО е многу лошо”. Оваа констатација беше потврдена од повеќемина. Тоа нé не интересира. Го забележуваме податокот што сите употребуваат – ПОСТОЛЈЕ. А оваа грешка не е карактеристична само за тогаш и само за тука. Ја употребуваат луѓето многу често. Сме ја слушале и од официјални места. Дури и среќаваме таа да е напишана – ПОСТОЉЕ, а тоа е веќе втора грешка. Ако мора да се напише тој збор, треба да биде ПОСТОЛЈЕ. А зошто сите ја употребуваат таа именка? Што му е кусо на нашиот збор – ПОДНОЖЈЕ? Тој е наш. Одбележан е во Речникот. Значењето му е тоа, долниот дел, основата на споменикот. Може и подножје (долниот дел) на планината. Ако сака некој да се изрази, да речеме, со повисок стил, може да го употреби и зборот ПИЕДЕСТАЛ. Тој има француско потекло, но редовно се користи во, таканаречената, интернационална лексика. Со истото значење може да се употреби и ПОСТАМЕНТ (латинско потекло). И тој е доста застапен. Сето тоа може, но ПОСТОЛЈЕ не може и не треба.

Пред некое време купувавме некаква вазна, доста голема. Продавачката ги фали нејзините квалитети. Меѓу другото, вели: “Спрема големината, оваа вазна може да стои директно на подот, а може и на ПОСТОЛЈЕ”.

– А зошто ПОСТОЛЈЕ – ја прашуваме – зошто не ПОДНОЖЈЕ?

– Ние не знаеме литературно и си зборуваме по наше – вели продавачката.

– Па токму тоа сакам да ви речам. Да биде по наше. А наше е ПОДНОЖЈЕ, а не ПОСТОЛЈЕ.

– Е, не знам. Сите велат ПОСТОЛЈЕ. Вие сте првиот што прави таква забелешка.

Го завршивме разговорот. Ја купивме вазната и си заминавме, со надеж дека ќе се јави и некој втор.

Јуни месец е карактеристичен по тоа што завршува учебната година и учениците ги земаат свидетелствата. Чудно е, зошто овој збор во многу случаи се користи погрешно. Една телевизија е информира дека осмоодделенците добиле СВЕДИТЕЛСТВА. Не е направена грешката само во споменатата телевизија. Ја слушаме на повеќе места. Дури и сме ја прочитале во некој весник. Па нели постои именка СВИДЕТЕЛ (сведок), а не СВЕДИТЕЛ. Свидетелството е сведоџба на успехот од соодветниот ученик. Значи, СВИДЕТЕЛ, СВИДЕТЕЛСТВО, а не СВЕДИТЕЛСТВО. Некогаш, во некој постари времиња велевме дека ќе ни ги даваат СВЕДОЧАНСТВАТА. Сега е затврден терминот СВИДЕТЕЛСТВО.

Прочитавме во весник дека ракометниот клуб “Металург” ќе ангажирал некое засилување. Ќе потпишел договор некој ракометар од Русија. За него биле заинтересирани и други големи клубови. Но, и покрај тоа РУСОТ решил да се определи за “Металург”. Во скопскиот говор оваа грешка е редовна. Јасно е дека треба РУСИН, а не РУС. Таму се прават многу грешки и при именувањата, не само на националноста, туку и на државите. Често слушаме дека некои ќе патувале на годишен одмор во ГРЧКА, некои други пак во ТУРСКА. Слушаме често да се споменува и ЕНГЛЕСКА. Сево ова е под влијание на српскиот јазик и поради нашата неодговорност. Во македонскиот јазик овие држави треба да се именуваат – ГРЦИЈА, ТУРЦИЈА, АНГЛИЈА. Само за некои држави се допуштаат двојни форми. На пример, дозволена е употреба – ЧЕШКА, но и ЧЕХИЈА, НОРВЕШКА, но и НОРВЕГИЈА, ШВЕДСКА но и ШВЕДИЈА и така натаму. Според нас, ова е погрешно. Треба да си биде ЧЕХИЈА, НОРВЕГИЈА, ШВЕДИЈА. Но, ете, во некои определени историски услови било неопходно да се прифатат двете форми.

Да се вратиме на ракометарот, бекот од Русија. Знаеме дека голманот на “Металург” е од Србија, селекторот на женската одбојкарска репрезентација е од Бугарија.

Белки нема да доживееме некогаш да прочитаме дека едниот е РУС, другиот СРБ, а третиот БУГАР.

Да напоменеме дека кај бугарскиот тренер се прави огромна грешка. Неговото презиме, на бугарски, гласи Желясков. На македонски тоа се пишува ЖЕЛЈАСКОВ, а не ЖЕЉАСКОВ. Тоа е голема грешка.

Благоја Ивчески

Loading