ИНВЕСТИЦИИ ОД НАД 350 ИЛЈАДИ ЕВРА

ГОЦЕ ИНГИЛИЗОВ – ДИРЕКТОР НА ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

– ОБЕЗБЕДЕН Е АПАРАТ ЗА ИСПИТУВАЊЕ НА ВЕШТАЧКИТЕ ЗАСЛАДУВАЧИ, БОИ, КОНЗЕРВАНСИ И ДР.

Од менаџерските квалитети и во јавните институции, па и во здравството зависи какви здравствени услуги добиваат граѓаните. Не е откривање на топла вода дека вештото управување со јавните пари носи повисок квалитет на животот и здравјето и респект на луѓето кои побарале чаре кај било која здравстена установа. Во Центарот за јавно здравје со години се негува и се надградува домаќинскиот стил на раководење. Се проценува секој денар каде е најдобро да се вложи, се трага по извори за инвестиции и рационално се трошат јавните средства.

Со силното чувство за одговорност на позицијата што ја зазема, првиот човек на Центарот за јавно здравје Гоце Ингилизов исцрпно одговара како се вложуваат државните средства и како се води политиката на рационално распределување и економично трошење на расположливите финансиски средства. Носечка е ориентацијата на вложување во модерна опрема за подигнување на нивото на квалитет на услугите. Кога знаењето и комплетната предаденост на менаџерот ќе се интегрираат, тогаш проекциите добиваат верификација со набавката на десетици апарати со милиони денари, а со кои Центарот успеа да се пореди меѓу врвните установи од овој вид во земјава, приближувајќи се сосема и понекаде израмнувајќи се до европските стандарди и норми.

Колку инвестиции се направени во последниот период?

Ликот на институцијата го менуваме секој ден. Преку нашата стручност и посветеност, како и преку навременото позиционирање во системот и општеството, успеваме да предничиме пред конкуренцијата. Центарот секојдневно се развива преку осовременување на опремата, на просторот, доедукација на кадарот, воведување на нови – посовремени, побрзи методи. Изминативе четири години, успеавме да ја реновираме зградата, ја променивме надворешната дограма, ги реновиравме лабораториите и просториите, направивме ново приемно одделение, ги обновивме санитариите и целата водоводна мрежа. Инвестиравме во доедукација на кадар, во информатичка технологија, и најважно, ја променивме во целост апаратурата во хигиено-хемиската и микробиолошката лабораторија. Инвестициите преминуваат 350 илјади евра. Средствата произлегоа од начинот на функционирање во последните шест години и соработката со Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Локалната самоуправа и сите институции од јавниот и приватниот сектор на територијата која ја покриваме.

Каква е ползата од овие инвестиции за Центарот?

Преку инвестирањето во работната средина, т.е. во зградата, со новата дограма добивме подобра енергетска ефикасност на системот за греење, со реновирањето на водоводната мрежа немаме повеќе загуби на вода и трошокот се намали десетпати, а кадарот ја зголеми ефикасноста со подобрувањето на условите за работа. Новото приемно одделение е на влезот на зградата, лесно достапно за сите пациенти. Со воведувањето на нови програми добивме поврзаност, брзина на работа и пристап до информации кои ја забрзуваат услугата кон коминтентите. Набавивме најсовремена опрема и апаратура за лабораториите и службата за ДДД (дератизација, дезинсекција и дезинфекција), со што значително е зголемена прецизноста и брзината на испитувањата.

Каква опрема е набавена и што добиваат граѓаните и општината?

Лабораторијата за микробиологија ја опремивме со неколку најсовремени апарати, меѓу кои Витек 2,  кој е најсовремен затворен систем за идентификација на грам позитивни и негативни бактерии, анаероби, квасци и мувли со 100 отсто точност и време на испитување од 4 до максимум 12 часа. Видас е систем за серолошка дијагноза со кој, резултат се добива за 20 минути, Бакт-алерт е термостат за хемокултури, со кој за неколку минути се идентификува позитивна култура, Елиса систем и неколку помошни апарати како термостати, автоклави, водени купатила и микроскопи. И хигиено – хемиската лабораторија ја збогативме со ефикасна техника. Спектрофотометар е апарат за испитување на параметри во вода и храни, Сушница е термостат за сушење на примероци од храна до саканата маса, Рефрактометар е апарат за испитување на суви материи во освежителните безалкохолни пијалаци, овошните сокови, за анализа на производи од зеленчук, за одредување на вкупни јаглехидрати при анализа на масти и масла и т.н. Лабораторијата е опремена и со влагомер за мерење на количеството на вода во сите производи. Потоа стручнаците располагаат со кондуктиметар, окситометар, аналитички ваги и т.н. “Ѕвезда” во лабораторијата е најновиот апарат за испитување на примероци од храна и вода со најсовремена метода на течна хроматографија или накратко ХПЛЦ, со кој се испитуваат вештачките засладувачи, бои, конзерванси и др. Опрема по највисоки стандарди со апарати за далечинско распрскување, ладно замаглување и флумигација доби службата за ДДД.

Што понатаму?

Продолжуваме да ги следиме најновите технологии и методи на работа. Тоа ќе значи целосна посветеност кон работата и навремено и прецизно извршување на предизвиците. Изготвуваме нов четиригодишен план, кој ќе биде прифатен од Управниот одбор и потврден од Владата и Министерството за здравство, со што ќе се оневозможи искривување на зацртаната патека. И ова актуелно раководство, а и некое друго во иднина, ќе мора да го следи тој план, доследно со рокови, да се одржи континуитет во развојот. Во планот ќе поставиме  проекти со многу средства, но и проекти без да се вложи ни еден денар, а ќе влијаат на промоцијата на јавно – здравствените политики и здравјето на населението во целост. Веќе се изработени планови и проекти за промена на изгледот на просторот во зградата. Претендираме на функционалност. Готов е и планот за систем за греење и ладење, за изработка на нова фасада, со што значително ќе се подобри енергетската ефикасност. Во наредниот период треба да се прошири приемното одделение и да се внесат и услуги кон коминтентите, односно кон оние кои побаруваат услуги од типот на санитарни прегледи, ДДД, испитувања на храни и води, со што ќе се лоцираат потребите на населението на едно место и нема да лутаат нагоре – надолу. Примарната цел, промоцијата на здравјето, ја подигнуваме на високо, европско рамниште, респектирајќи ги стандардите на Запад. Преку проекти кои ќе чинат незначителни средства, ќе промовираме здрави стилови на живот меѓу населението во целост, но и одделно за сите вулнерабилни групи, како млади, стари лица, бремени жени, мајки, лица кои живеат или работат во ризични средини и т.н. Сето ова ќе го срочиме во новиот план за работа на установата, со точни суми и точни датуми на отпочнување на активностите, а менаџерскиот тим ќе мора да го спроведува и да одговара за начинот и навременото извршување на проектите.

Ве споменуваат за нов директор на болницата со најавите за промени во раководните структури во здравствените установи во Прилеп?

Ние сме поставени за менаџери од Партијата и не сме вечно врзани за местата. Секој е менлив и кога ќе се почувствува некоја слабост, замор или заситеност од некоја позиција, се бара алтернатива, подобро решение и освежување. Прилеп е таков град, “чаршијата” некогаш разбира и пред нас. Се зборува и се зборувало, но во овој случај нема ништо конкретно. 

Loading