ТИМ ШТО ПОБЕДУВА, НЕ СЕ МЕНУВА

МАРТИН КОЧОВСКИ ЈА РЕЖИРА “ДОБРИОТ ВОЈНИК ШВЕЈК”

– НЕ ЗНАМ ДАЛИ ЈАС ГО ИЗБРАВ БРЕХТ ИЛИ ТОЈ МЕНЕ, НО ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР Е ВИСТИНСКОТО МЕСТО

Во театарот се подготовува новата претстава “Добриот војник Швејк”, која по текст од Б. Брехт ќе ја режира повторно Мартин Кочовски. Премиерата, според режисерот, се очекува во средината на октомври.

Брехт повторно го поставувате во прилепскиот театар. Што е тоа што ве “влече” кон овој автор?

Брехт е многу интересен, современ и важен автор со неколку различни фази во опусот. Текстовите не се споредливи еден со друг и затоа е доста интересен. Има толку различни стилови, дијалектики. Многу ми е близок по начинот на мислење, по гледање на работите, по стилот на пишување, по хуморот. Ете тоа е одговорот зошто Брехт.

За каков текст станува збор?

“…Швејк…” е текст напишан како за Македонија во денешното општество. Но, се работи за силата и жртвите кои мора малиот човек да ги направи, да ги промени “големите” идеи. Се работи за фашизмот, но има голема метафора. Безвременски е. Ќе се занимаваме со нашето општество. Претставата ќе каже сí. Ќе удира по деликатни места и ќе буди воодушевувачка радост од театарскиот чин.

Третпат Брехт и третпат прилепски театар? Која е хемијата  меѓу Вас и ансамблот?

Не знам дали јас го избрав или тој мене ме избра. Сметам дека тим што победува, а победивме двапати, не треба да се менува. Друго, има енергија меѓу нас. Добив понуди од театрите каде меѓувреме работев да го поставам Брехт. Ги одбив. Прилепскиот театар е вистинското место за Брехт. Зашто ќе удри најсилно. Со екипата најдобро се разбираме, најсилно можат да ја пренесат пораката напишана од авторот и трансформирана од мене.

Ќе играат Илија Волчески студент на ФДУ, Владимир Ѓорѓијоски, Даниела Иваноска, Андон Јованоски, Јасмина Мицовска – Станкоска, Наташа Наумоска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Игор Трпче, Димитар Црцороски, Виолета Чакарова и Катерина Чакмакоска.

Драматург е Владимир Ѓорѓијоски, за сценографијата и костимите е  задолжена Јулијана Војкова – Најман, а за музиката ќе се погрижи групата Фолтин.

Loading