СУДИИТЕ ПОЛАГААТ

ВИКЕНДОВ

Наближува 25 август и стартот на Третата лига – Југ,  а освен екипите, се подготвуваат и арбитрите. За разлика од некогаш, кога судиите си дозволувале тежина над просечната, движејќи се главно во радиус дваесетина метри околу центарот, денешните наследници водат сметка за кондицискиот, покрај теоретскиот дел. На терените низ градов цело лето можеа да се видат делителите на фудбалската правда како истрчуваат повеќе километри секојдневно. Тренинзи имаа не само врвните, како меѓународниот Горан Спиркоски, туку и тие од пониските рангови. Може слободно да се каже дека добар дел од судиите се одлично подготвени, некои подобро и од играчите.

Потврда на тоа што со месеци се работело се очекува викендов на Спортскиот центар “Маркови Кули”, каде е полагањето за главните и помошните третолигашки судии од шесте ОФС Прилеп, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Неготино и Валандово. Прво е тестирањето за брзината и издржливоста. Минималната норма е 20 делници по 150 метри, секоја да се истрча за максимум 30 секунди. Во меѓувреме е одмарањето со изодување патеки од 50 метри за 35 секунди и така наизменично се минуваат до крајот вкупно 950 метри во одење и 3000 метри со трчање. Оваа динамика всушност е потребата од движењето на судијата во секој натпревар.

Минатите години, особено од кога Прилеп е седиште, нема поголеми забелешки за регуларноста на првенствата, а сигурно за високото ниво голем придонес со објективноста и авторитетот имаат и судиите, кои во новата сезона ги очекуваат нови 240 мечеви, меѓу 16 тимови од Третата лига – Југ.

Loading