ПРЕДМЕТИ СО УНИКАТНО ВРЕЖУВАЊЕ

Заводот и Музеј ги заврши годинешните археолошки истраги на локалитетот Трештена стена. Археологот Александар Митковски вели се потврдиле сознанијата дека имало шест хоризонти (куќи една врз друга) на локалитетот.

– Трештена стена била населба од бронзено време.  Со паузи, систематски ја истражуваме од 2001 година. Потврдивме дека населбата има шест хоризонти, односно куќите се градени една врз друга по пожарите што се случувале. Објектите се надземни, градени со дрвена граѓа во праисториска техника – вели археологот.

Пронајдени се керамика, големо количество на антропоморфни фигури со претстави на божицата Мајка, орудија од камен, рачни школки и предмети од животинско потекло, односно коски, кои сведочат дека жителите се занимавале со сточарство и со лов.

– Пронајдовме фрагменти од метал. Тоа говори дека металот во тој период не бил непознат и се употребувал –  додава Митковски.

Локалитетот е единствен во Македонија со уникатен начин на врежување на предметите, односно браздесто врежување со шилесто орудие.

Истражувањата ќе продолжат и в година.

Loading