ВОЗВИШЕН ЗБОР КАЈ СЛОНОТ НА ТРОНОТ

ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ ПО СЕДМИ ПАТ

Библиотеката “Борка Талески” со друштвото Пела од Словенија, пак ќе ја стави на пиедесталот поезијата и мултикултурата со манифестацијата “Поетско Маркукуле 2013”. Ќе рецитираат над 70 поети од Прилеп, Битола, Скопје, и првпат гости од Хрватска.

– Седмипат ќе ја оживееме мислата на перото со возвишен збор, пред кого и белата хартија е немоќна. На импресивното место кое буди букет инспирација, кај Слонот на Тронот, е новата веќе традиционална средба, која се интернационализира. Сите кои ќе дојдат, ќе уживаат на поетското бранување и ќе станат драгоцено камче во духовниот мозаик на градот – вели  директорот Петар Петрески.

Манифестацијата се етаблира како значаен литературен настан во земјата, преку кој се промовира пишаниот збор.

Инаку, вечерва (петок) од 19 часот ќе се одржи промоција на Зборникот “Поетски дијалози” со стихови од 15 прилепски автори, препеани на хрватски јазик. На промоцијата ќе учествуваат и поети од Хрватска, меѓу кои Валерија Орлиќ, Фикрет Мацан и други, а ќе биде претставено и изданието од минатогодишната манифестација.

Поетската средба ќе биде убава можност за промоција и на новиот мурал што уметникот Методи Исков го изработи во големата сала во Библиотеката, а е посветен на историјата на градот.

Loading