МОНОГРАФИЈА ЗА ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ

Доживеа промоција синоќа монографијата на македонски и на англиски јазик за Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски, нашинец кој живее и работи во САД, сопственик на хотелот Сонце и на фирмата Жито Прилеп, подготвена од Славе Николовски – Катин. За книгата зборуваа градоначалникот Марјан Ристески и Вера Стојчевска – Антиќ.

Според Ристески книгата посветена за 60 години од неговиот живот и дело, е творба за доблесниот Македонец, истакнат хуманист, донатор, докажан бизнисмен, духовен посветеник и горд припадник на својот библиски род и македонската земја.

– На Атанасоски му припаѓа заслуженото место во хиерархиската пирамида на луѓето, кои имаат корифејски заслуги во иселеничката македонска сага и во градењето пријателски и бизнис мостови меѓу Македонија и САД. Џорџ е еден од столбовите на акциите  организирани и реализирани во битката за самостојна, суверена и независна македонска држава и тоа, може да се каже, во клучните раздобја на тој пат на истрајност и посакуваното финале од 8 Септември 1991 година, кога сонот на генерации стана реалност. Неговите пораки имаат мобилизаторска моќ, бидејќи тие се гласот на народот, гласот на вистината… Атанасоски постојано се залага и така дејствува за неопходноста од стабилноста и кохезијата на македонската заедница во цела етничка Македонија, во македонските иселенички колонии, како и во сите други сфери, кои се витални за опстојот и крупните исчекори на една нација и во мирнодопски, но и во турбулентни времиња. Атанасоски е еден од повидните личности на македонскиот народ  – вели градоначалникот Ристески.

Монографијата содржи текстови и фотографии од младешките години на Атанасоски, успешниот пат во бизнисот, придонесот за независна Македонија, интервјуа, како и бројни негови коментари и написи, пред сé како претседател на Македонската алијанса.

Loading