СИНИ СНЕГОВИ (7)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Речиси во чекор го следеше. Претпоставуваше дека одат на железничката станица, па веќе порасположена, почна да се обѕрнува околу, гледајќи ги градбите на селските куќички. Од некои беше изненадена, а уште повеќе се зачуди кога слушна како жителите му довикуваат и го поздравуваат Никола од своите дворови, а тој љубезно им возвраќаше. Ја искористи приликата и Ема веќе одеше пред него по единствената асфалтирана улица. Пред себе ја гледаше железничката станица, кога едно девојченце на околу четири години, облечено во црвен скафандер со плетена капа на главата под која му се наѕираа густите црни локни до уши насмеано трчаше право кон неа. Ема вчудоневидено подзастана, а  тоа помина покрај неа, гласно смеејќи се í фрлајќи му се во прегратките на Никола. Тој го подигна високо во воздух. Девојчето среќно викаше на цел глас. Ема ја гледаше оваа средба, чувствувајќи како од Никола блика љубов и топлина кон ова мало, мило суштество. Посака таа да биде во неговите раце. Прегрнати двајцата, се вртеа во круг. Никола му го тргна капчето од главата. Ема се вкочани, а во главата почна да í писка свирката на локомотивата. Девојчето неверојатно личеше на Никола. Почувствува како тлото í бега под нозете.

Никола, Ана – чу како ги вика пријатен женски глас.

Држејќи се за рака двајцата, потрчаа во правецот од каде што доаѓаше гласот. Жената не можеше добро да ја види, но затоа Ема виде како сите тројца долго се гушкаат. Срцето í се параше. Најпрво í ја откри неговата љубовница, која воедно беше и нејзина родена баба, а сега и неговата жена и ќерка. Солзи í дојдоа на очите. Ги стави двете патни торби врз себе и, трчајќи колку што може побрзо, се упати кон станицата. Во ушите долго време í одекнуваше неговото весело смеење.

************************************

Ема стоеше покрај прозорецот, гледајќи како паѓа снегот. Оваа година зимата како да не сакаше да замине. Помина половина од март, а снежната покривка се белееше на покривите од градот. Тажно воздивна со мислите, враќајќи се на своето зимско патешествие во планинската куќичка. Всушност,  никому ништо не кажа за нејзинот престој таму. Честопати и се причинуваше дека ја гледаат очите на Никола. Имаше три добри причини засекогаш да го избрише од  своите спомени, но ужасно и недостасуваше. Не беше ретко кога ги замислуваше сите тројца, него, девојчето и неговата жена, како седат пред каминот, весели и среќни, исполнети со многу љубов. Во мислите понекогаш ја сожалуваше неговата сопруга, спомнувајќи си како ја мамел со нејзината баба. И доаѓаше да се врати и да í каже. Сепак длабоко во себе мораше да си признае дека ако се врати таму, би се вратила само да го види.

Во реалноста ја врати ѕвонењето на телефонот. Тоа беше мајка í. Ја потсетуваше на вечерашната прослава за пензионирањето на татко í. Татко í беше во пензија веќе 4-5 месеци, но сакаа тој чин да го прослават. Најавија и семејно изненадување за кое не знаеше ниту Ема. Не беше расположена за семејна вечера каде сите ќе ја прашуваат за престојот во бабината куќа. Но, не можеше да не појде. Нејзините тоа не би í го простиле. Мајка í неколкупати ја потсети да дојде со својот пријател?!

“Да во ред, ќе дојдеме заедно” – на глас ги повторуваше Ема своите последни зборови од телефонскиот разговор. “Ќе дојдеме јас и… никој” – му рече Ема на својот лик во огледалото.

Речиси беше 17 часот. Ја наполни кадата со вода и потона во миризливата пена, надевајќи се дека ќе ја смири и ќе го подобри нејзиното депресивно расположение. Чувствуваше како телото í се опушта. Сакаше да мисли на нешто убаво. Мислите повторно í се вратија на Никола. Како да се исплаши од она што евентуално би следувало. Ја нурна главата во водата. Ни малку порасположена, долго време ја сушеше својата коса. Не сакаше да стигне прва дома, па, бидејќи имаше време, реши да отиде во безистенот да ги разгледа излозите и да купи цвеќе за мајка си. Знаеше дека не е некоја убавица, но и не беше за “фрлање”. Се гледаше во големото огледало задоволна од својот изглед. На себе имаше хеланки со кратка маичка од темно-сино букле. Косата немирно и се спушташе на рамениците. Стави малку шминка . Изгледаше доста привлечно, “како секогаш за погрешни фаци”,  си рече себе си и замина.

Кај нејзините стигна последна. Сите беа собрани. Најблиските, околу 15 души. Навлекувајќи ја врз себе својата “стара добра насмевка” им се придружи. Ги разочара што повторно дојде сама, но Ема ги тешеше дека доколу успее да се  “ослободи од обврските на работа”, нејзиниот пријател сепак ќе дојде. Времето за вечера одминуваше. Никој не помислуваше на неа. Доби впечаток дека уште некој се чека… Мислејќи дека се чека “нејзинот пријател”, отиде да телефонира. Кога се врати на присутните им соопшти дека “пријателот” веројатно нема да дојде. Знаеше дека сите í поверуваа, освен мајка í. По половина час вечерата почна. Во добро расположение, сите уживаа во храната, разговарајќи за најобични нешта. Кога се огласи влезното ѕвонче сите погледи се упатија кон Ема. Таа поцрвене, станувајќи да отвори и чудејќи се кој би можел да е. Забележа како мајка í и татко í, видно се возбудија. Ја претекнаа, брзајќи да ја отворат вратата. Ема одеше по нив. Како гром да ја погоди. Во претсобјето стоеше Никола… Не беше во состојба да се помрдне. Чувствуваше дека секој миг ќе се струполи. Го гледаше со ширум отворени очи. Не можеше да сфати што се случува. Нејзините топло го прегрнуваа и се радуваја на неговото доаѓање. За миг погледите им се сретнаа. Ема стоеше вкочането.

– Никола, ова е Ема, мојата ќерка. Жалам што не успеавте да се запознаете во планинската куќичка. Пред два месеца Ема престојуваше таму, ама кратко – го слушна како во полусон нејзиниот татко.

На ова Никола í упати еден недефиниран поглед, поткревајќи ја едната веѓа, со одвај забележлива подбивна насмевка.

– Навистина, Никола ја прифати играта. Баш ми е жал што не се сретнавме. Јас сум Никола – í рече подавајќи í рака.

– Ема – промрморе,  не осмелувајќи се до го сретне неговиот поглед .

Нејзините и Никола влегоа во трпезаријата. Ема остана во ходникот сама, обидувајќи се да си дојде на себе. “Што бара тој тука” – се прашуваше, не можејќи да сфати што се случува. И доаѓаше веднаш да замине дома. Да побегне. Чу како татко í, í вика. Одвај собра храброст да им се придружи. Неговиот поглед го чувствуваше, но упорно го одбегнуваше. Разговорот што се одвиваше воопшто не го слушаше. Низ главата и врвеа возови.

Несомнено сите се заинтересираа за Никола. Како од далеку го слушаше неговиот длабок глас. Раскажуваше за згодите и незгодите на нејзината баба. Мошне лесно измамуваше громогласно смеење од присутните. И доаѓаше на цел глас да го праша што му беше нему неговата баба… како се неговата жена и ќерка… Ема не можеше повеќе да издржи. Чекаше згоден момент, мајка í да отиде до кујната. Ја искористи првата прилика.

Мамо, морам да одам. Се надевам тато нема многу да се налути – í рече растреперено.

(продолжува)

Loading