НЕ ГАЛАМА, ТУКУ ВРЕВА

Протестираа македонските новинари. На некој нивни колега му била определена мерка притвор. Имаа разговор и со судијата. Тој вели: “Новинарот ќе остане во притвор ПРЕМДА ние”… Реченицава не ја завршуваме зашто тоа понатаму не не интересира. Не интересира зборот ПРЕМДА. Каде ли го најде судијата тој збор, зошто го употреби? Зошто не вели – “Новинарот ќе остане во притвор МАКАРШТО ние” – Ама ете, тој наместо МАКАРШТО, вели ПРЕМДА. Господин судија, за грешките следуваат и казни, “премда” сте вие судија.

Во квизот на нашиот јавен сервис, водителот зборува нешто за печурки. Не го следевме многу внимателно и не знаеме во каков контекст се споменуваа печурките. Слушнавме само тоа кога тој ги набројуваше – ЛИСИЧАРА, БОРОВЊАЧА и некои други. Не се разбираме многу во печурки, но знаеме дека постои една која се вика БУКОВКА. Расте на дрво, веројатно најмногу на буково дрво, на некој ќутук. Таа печурка Србите ја викаат БУКОВАЧА, а на македонски, како што рековме, се вика БУКОВКА. Веројатно водителот на квизот се подготвувал од некоја српска литература, па си мислел дека тоа така ќе биде и на македонски. ЛИСИЧАРКАТА е доста позната и доста вкусна печурка. Има црвеникава боја, лисичеста. Веројатно затоа и го добила тоа име. Но, на македонски таа се вика ЛИСИЧАРКА, а не ЛИСИЧАРА како што ја изговара водителот. Веројатно има печурки кои растат во боровите шуми. За таа печурка не знаеме ништо. Сигурно таа би се викала БОРОВКА, слично на БУКОВКАТА и ЛИСИЧАРКАТА. Но, водителот вели дека таа е БОРОВЊАЧА. Именки со таква наставка (ЊАЧА) не постојат во нашиот јазик. За таквите наставки сме пишувале, затоа сега нема да детализираме. Важно е тоа што ЛИСИЧАРА и БОРОВЊАЧА се големи грешки. Водител на телевизиска емисија треба да го знае тоа. Квизовите се мошне гледани. Луѓето слушаат, но за грешките не знаат сите. Тие си прифаќаат како точни. А нашиот водител ќе ги “поучи” гледачите со многу јазични специјалитети. Речиси и да нема емисија а да не чуеме нешто што не смее да се чуе во такви емисии и од таква телевизија.

Слушнавме и разбравме од некоја наша телевизија за некој непријатен настан. Биле пронајдени луѓе во несвесна состојба. Новинарката објаснувајќи го настанот ни пренесе некои поединости што и биле добиени од компетентни луѓе. Меѓу другото, ни соопшти дека на телата од луѓето биле забележани ОГРЕБОТИНИ. Зборуваше новинарката и за некои други поединости каде слушнавме и други грешки, но ете, ја запаметивме само оваа. Зошто ОГРЕБОТИНИ? Зошто не ГРЕБНАТИНКИ, зошто не ГРЕБАНИЦИ? Зошто српскиот збор и е попознат од македонскиот? Вакви грешки слушаме многу често. Неодамна чувме дека некој човек, во некој пожар добил ОПЕКОТИНИ. Многу слична грешка. На македонски тоа се ИЗГОРЕНИЦИ. Но, и од новинарите кои не известуваат и од докторите кои го објаснуваат случајот, слушаме ОПЕКОТИНИ. За да се избегнат ваквите грешки не треба да се вложува голем труд. Се знае, глаголот е ГОРИ (изгори), а именката ќе биде ИЗГОРЕНИЦА. Нејасно е зошто се употребуваат српски зборови и тогаш кога имаме наши. Именката ГРЕБНАТИНКИ или ГРЕБАНИЦИ, исто така, е добиена од глаголот – ГРЕБЕ. Придавката би била ИЗГРЕБАН, а не ОГРЕБАН.

Еден наш спортски коментатор врши пренос на ракометен натпревар. Ќе напоменеме дека тој зборува за многу други странични проблеми, не бомбардира со непотребни податоци, наместо да ја коментира самата игра. Но, тоа е друга тема. Сега ќе кажеме само тоа дека на коментаторот му пречела големата ГАЛАМА во салата од страна на публиката. ГАЛАМАТА била толку голема што му пречела во коментирањето. Нам пак ни пречи тоа што тој употребува збор кој не е наш. Именката ГАЛАМА е туѓ збор. Можел да рече дека имало голема ВРЕВА, ВИКОТНИЦА, па дури можел да рече и голема БУКА. Било многу БУЧНО. Но, и покрај повеќето можни варијанти, тој ја одбрал погрешната.

Благоја Ивчески

Loading