МАСАКР НА ВОШКИ

Човек што во животот немал вошки, веројатно лаже. Сите сме имале мали вампир – инсекти, кои ни ја цицале крвта од главата, при тоа создавајќи несмирливо чувство за чешање. Тоа не е за срамење, ни за плашење. Не помага ниту најдобрата лична хигиена, ниту “стаклено ѕвоно”. Вошките најдуваат чиста глава.

Никој не може да живее изолиран, па во група – на училиште, на пазар, на работа…, паразитите наоѓаат жртва. Во непрекинатата борба со нив се измислени чешли, шампони, прашоци против крвопијците.

Но, не било секогаш така. Според фотографијава, здравствени работници ја проверуваат вошливоста. Превенцијата била едноставна за машките деца. Се стрижеле “на нула” и главата им се мачкала со газија. Друго било чарето за девојките и жените, оти косите им се статус и женственост. Ним им се поштеле вошките. Со часови им се ваделе гнидите и вошките од прамените, макотрпно, влакно по влакно, со два прста. Несаканиот “гостин” го стегале со двата прста да пукне. Ако овој марифет не помагал, главата се прскала со пестициди. Опасност демнела, зашто можело да доведе до труење. Здравствените работници на пунктови ја проверувале вошливоста, советувале начини за отстранување на крвопијните паразити.             

Loading