ЕТНОЛОШКА ПОСТАВКА ЗА ЖИВОТОТ ВО РЕГИОНОТ

ГОРДАНА Д. СПИРОСКА, ДИРЕКТОР НА ЗАВОД И МУЗЕЈ

Реконструкција на просторот за етнолошката поставка почна во Заводот и Музеј. Со 150 илјади денари од Министерството за култура се обновува оштетената и напуштена сала.

– Се санира салата, а од средствата зависи проектот. Планираме за две години да ја отвориме етнолошката поставка, која ќе ја раскажува приказната за животот на луѓето во овој регион. Ќе се претстават интересни орудијата кои се користеле и обичаи кои се одржувале. Ќе се раскаже животот на човекот од раѓањето до смртта – вели директорот Гордана Данаилоска Спироска.

Се остваруваат уште осум други значајни проекти.

–  Во тек е тендерот за изведба на фасада на куќа во Крушево, се работи на леарницата и галеријата Мартиновски, се истражува локалитетот Трештена стена. Пронајдени се впечатливи артефакти. Откриеното ќе се презентира по ископувањата. Станува збор за некропола, локалитет од праисторијата. Ќе се препокриваат црквите Св. Никола и Св. Димитрија, бидејќи констатиравме дека покривите се во лоша состојба, иако немаат оштетувања. Го реконзервираме жртвеникот, најстариот предмет на Балканот. Очекуваме Министерството да излезе во пресрет да ангажираме стручни лица – потенцира директорката.

Готов е проектот за обнова на изгорените конаци на Трескавец. Уште да се достават проектите за ППЗ и за електрика, и комплетен да оди на стручна контрола во Националниот конзерваторски центар. 

Loading