СИНИ СНЕГОВИ (6)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Како напуштено кутре Ема се завлече во креветот. Долго плачеше. Чувствуваше огромна болка во душата. Го чувствуваше мирисот на Никола, кој остана како невидлива трага на меката постелнина. Сакаше, едноставно, да исчезне…

Ема утрото го дочека речиси будна. Имаше страшна главоболка. Не се осмелуваше да излезе од собата. Синоќешната случка í се чинеше неможна. Не можеше да сфати како дозволи толку да биде понижена. Ја згрозуваше помислата дека, покрај сé, уживаше во неговата прегратка. Ü се допаднаа неговите усни. Уште како да ги чувствуваше неговите раце. Ја протресе својата глава како да сака да си ги среди мислите. Час го мразеше, час не знаеше што чувствува. Мораше да си оди, само сега, навистина, не знаеше како. Помош í беше неопходна, а страшно се плашеше од повторната конверзација со него. Го чу како тропа со садовите во кујната. Не беше силна да се соочи. Се покри прекуглава, обидувајќи се да смисли добра стратегија. Ништо “паметно” не í доаѓаше на ум. Ü доаѓаше да замине преку прозорец, само да не го види никогаш повеќе.

Ü се причини дека Никола тропна на нејзината врата. Беше сигурна дека не е можно. Подавајќи ја главата преку покривката, се стаписа. Никола со послужавник во рацете í носеше појадок. Очите чудно му сјаеа. На усните му лебдеше таинствена насмевка. Ема го гледаше подзинато, не верувајќи им на очите.

– Верувам добро спиеше – í рече, потенцирајќи ја својата двосмисленост. Појадокот ќе ти годи, ти подготвив нешто специјално. Заслужи. Погледнувајќи ја насмеано, го остави послужавникот на тоалетната маса. Ема збесна. Тој имаше храброст да í се смее в лице. Набрзина стана, се облече и без двоумење му го врати појадокот.

– Благодарам за вниманието. Не сум гладна. Сакам да си одам! – му се обрати доста ладно, не гледајќи во него.

Никола беше испружен на креветот, пушејќи цигара.

– Ти треба моја дозвола да си заминеш ?

Ема нешто како да ја прободе. Успеа да се совлада.

– Би сакала да ми го покажеш вистинскиот пат…

– Јас, помислив дека веќе почна да ти се допаѓа овде…

Ема презирно го погледна.

– Ќе можеш ли да ме однесеш до селото – простенка низ заби.

– Зависи…

– Од што?

– …Од многу нешта…

– Како на пример ?

– Од тебе !

– Од мене?

Никола се исправи, а Ема инстинктивно се врати назад. Тој почна на глас да се смее.

– Се исплаши?

– Од што да се исплашам – му рече, обидувајќи се да го прикрие стравот од помислата дека може да í се доближи. Почувствува како дланките í се потат.             Никола  ја посматраше внимателно. Одеднаш погледот му се смени. Очите пак му се претворија во замрзнати езера.

– А што, ако јас не сакам да си одиш?!

Не можеше да им поверува на своите уши. Од неа како да изби лава.

– Ти не сакаш да си одам? – речиси му се дереше, имаш смелост и тоа да ми го речеш… Што си ми ти? Не знам ни кој си, ни што бараш овде, а сега треба да добијам и твоја дозвола за да си одам… Ти не си здрав. Разбуди се. Не сум твојата љубовница. Ти повеќе не би требало воопшто да си овде… Ќе ти направам услуга, ќе си заминам, а ти треба да ме симнеш до селото… Сум ли доволно јасна? Заради тебе нема да дозволам волците да ме изедат. Не мислам веќе да го трпам твоето натрапничко гостопримство во мојата куќа.

Ема остана без здив, кога ги виде молњите што избија од неговите очи. Не можејќи да го истрае неговиот поглед, му го сврте грбот, држејќи се за главата, која уште ја болеше. Помисли како повторно ја “цапна”. Како ќе отидам до селото сама, се прашуваше, не знаејќи што да прави. Го слушна како ги навлекува чизмите. Се сврти. Никола без да ја погледне, се облече, ги зеде нејзините торби во рацете и без никаков збор, излезе низ вратата. Ема не стаса ниту виндјакната да ја облече. Ја грабна, и трчајќи се обиде да го стаса.

Надвор беснееше невреме. Снегот í доаѓаше право в лице. Одвај се обидуваше да го следи. Снегот í достигнуваше над колениците. Никола без проблем одеше напред и ниту еднаш не се сврти да ја види. Ема веќе не беше сигурна дали заминувањето í беше вистинска одлука. Сега враќање немаше. Молеше Бога што побрзо да слезат од планината. Ü се чинеше дека одат со часови. Беше на крајот од силите. Чувствуваше како студот í се вовлекува полека и силно. Нозете одвај ги движеше. Мрмореше дека ова е најдолгиот пат што води до селото. “Ова намерно ми го прави… Морам да издржам”… Почна да плаче кога ги здогледа првите знаци на цивилизацијата. На маките им се наѕираше крајот. Со големо олеснување воздивна кога го почувствува асфалтот под нозете.

(Продолжува)

Loading