ТРЕНЕР – СЛИКАР

ИСТОРИЈА

Старите, црно – бели фотографии сведочат за минатото. Меѓу потпишаните автори е Миле Пејаков – Пејак (85), родум од Кикинда, Србија, од 1967 жител на Прилеп. Користел техники како легендарните Добросав Поповиќ – Синга и Волтер Јадрешин. Овековечил многу мечеви и спортисти, од светски познати како голманот Лав Јашин, до аматерски и работнички клубови, а најмногу ја сликал ФК Победа, во републичка, трета и втора југословенска лига.

– Првата слика е со Педано, незалечен, со наслов “Цвеќе за повредениот другар”. Глигороски го оштетија со Рад. “Распали” и топката се одби од задната шипка, но на сликата се докажа дека е гол. Со Кожуф Гевгелија свирнаа пенал, а гостите се жалеа. Замолчија кога објавив слика, каде голманот го фаќа за нозе Манески. Црвена Звезда се бунеше “Кој е тој Пејак, само негови слики се во Спорт”. Ден – денес чувам куп филмови, со надеж за изложба, но проблем се трошоците – вели Пејак.

 Помалку се знае дека бил фудбалски тренер. Теоретски и практично “наоружан”, помагал во Варош, Корзо, а најголем успех имал со ЗИК Прилеп во седумдесеттите. Барал строга дисциплина и никогаш не бил близок со фудбалерите, туку на дистанца.

– Тренерот ако другарува, излегува и пие со играчите, нема авторитет – порачува Пејак.

Loading