СЛИКА ЗА ДОМА

Прилеп низ вековите бил сведок на многу окупации. Како стратешко место, “копјата ги кршеле” многу цивилизации, идеологии и војски.

Само во минатиот век Прилеп има сменето пет окупатори. Од турско, во српско, австроунгарско, бугарско, пак српско и последното, германското. Во најкрвавата војна во човековата историја – Втората светска војна  – нацистичка Германија во 1942 година се протегала низ цела Европа, дел од Азија и Африка. Војниците им праќале на домашните слики од местата каде војувале. Додека тие што биле во Франција се сликале со шампањ на Шанзелизе, а во Африка се фотографирале со пирамидите, во Македонија се сликале со обичниот народ, кој на Германците им изгледал како домородци од некое племе. Ропствата го оставиле народот да живее само со неопходните работи и неможел да одвои за пристојна облека.

На војников, од озлогласената СС дивизија на Гестапо, му се виделе интересни прилепчаниве кои ги сметале за подолна раса (подлуѓе) и се сликал со нив да ги извести домашните во Германија каде е. Малку знаел дека навидум наивните и прости луѓе се можеби јатаци на партизаните или дури и партизани. Тоа незнаење и тие “подлуѓе”, скапо ги чинело нацистите. По година – две, или им “дале” билет во еден правец за Германија или ги сместиле девет стапки под земја.

Loading