МУРАЛ ВО БИБЛИОТЕКАТА СО ИСТОРИЈАТА НА ГРАДОТ

Веќе неколку дена 23 годишнниот студент на трета година на ФЛУ –  Скопје во класа на Станко Павлески, Методи Исков, подготовува композиција за сликање на мурал од седум метри со височина од два ипол метри на ѕидот во читалната во Библиотеката.

Иако млад уметник, се наоѓа пред голем уметнички предизвик. Понудата ја добил преку ДЛУП.

– Ја цртам композицијата, пред нанесувањето на акрилните бои. Муралот ќе ги содржи значајните фрагменти на градот – Саат кулата, старите улички, првата читална на Библиотеката, Марковите кули… Ќе биде комбинација од стари фотографии со нови елементи – вели младиот творец.

Форматот е голем, и затоа се очекува да се третира како грандиозно дело.

– Се надевам дека ќе ме препознаваат како уметник со дело, кое ќе остане траен подарок за градот – потенцира уметникот.

Исков досега создал четири мурали од помал обем, на кои насликал мотиви од градот.

– Преокупација ми е да ги овековечувам Старата чаршија, стариот дел од градот, Марковите кули. Ме воодушевува еволуцијата на градот. Задоволство е да се прикаже Прилеп некогаш и сега. Ми лежи создавањето на спој на старото со новото – додава Методи, кој муралот ќе го слика околу три недели.

Како уметник, кој досега излагал на групните изложби на ДЛУП, Исков го мотивира креирањето на трајни дела за градот.

ОБЛАГОРОДУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

Муралот е идеја на градоначалникот Марјан Ристески.

–  Во разговор, сакајќи да го облагородиме просторот со нови содржини, се роди идеја да го збогатиме со нова ликовна содржина задниот ѕид на мултимедијалниот простор. Падна договор за изработка на муралот, при што е вклучено и ДЛУП, преку кое е ангажиран уметникот. До крајот на месецот, се надевам дека ќе се заврши. Средствата ги обезбеди Библиотеката – вели директорот Петар Петрески.

Loading