ДРЖАВНИ ДОТАЦИИ ЗА ПРИЛЕП

ДИМИТАР СТЕВАНАНЏИЈА  – ПРАТЕНИК

– ПРИ КРАЈ Е РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ВЕТЕНИТЕ ТРИ КРУПНИ ПРОЕКТИ – ПАТОТ ЗА ТРЕСКАВЕЦ, РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ГРАДСКИОТ ЧАСОВНИК И ДОГОВОРОТ СО ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА КАНАЛИЗАЦИСКАТА МРЕЖА.

Зенит – Нема летна шема за парламентарците, туку работат под полна пареа до крајот на месецот. Еден од законските проекти кој предизвика реакции е законот за абортус. Кои беа аргументите на владата и зошто пратениците на мнозинството дадоа виза?

Парламентот нема точно определен термин за одмор и на некој начин функционира постојано, што значи нема летна шема, но секој период го користам да бидам со мојата фамилија и пријателите, но, се разбира, и со сите други да продискутираме на сите теми во овој сега порелаксиран период. Законот за абортус предизвика неосновани, хистерични реакции само на почетокот во периодот кога дел од “големите” душегрижници од НВО секторот сакаа да дадат погрешна претстава за едно одлично законско решение. Овие “експерти”, кои не го прочитале законот, ја добија поддршката и од жените социјалдемократи, но само половично, бидејќи кога требаше да реагираат амандмански, нив ги снема како и обично. Со законот, жените родилки добиваат континуирана едукација, задолжителни совети за последиците од абортусот и нормирани болнички услови, доколку одлучат да абортираат. Сега казните за докторите, кои ќе се осмелат по визби и гаражи да прават абортус се огромни во парични средства, но има пропишано и затворски казни. Најмногу ме зачуди воодушевувањето на опозицијата од поддршката на 80 странски НВО против овој закон, кога се знае дека тие изричито ги застапуваат барањата на хомосексуалците и лезбејките.

Зенит – Бидејќи Прилеп е земјоделско подрачје, какви ефекти се очекуваат од законот за земјоделско земјиште?

По еден долг период на подготовка конечно во сила стапи и законот за продажба на државно земјиште. Вакво законско решение е одамна пракса во други земји. Спротивно на старите закони кога државата насилно правела национализација, денес земјоделците имаат право да го купат државното земјиште, што го користат под концесија. Ниту еден договор за закуп нема да биде предвреме прекинат, спротивно на волјата на концесионерот. Секоја година во ноември Владата ќе носи програма и ќе се знае точно кои површини се за продажба во кој период. Што е најбитно, според мене, концесионерот има право, доколку ја прифаќа последната понудена сума од наддавањето, тој за таа цена има предност да го купи земјиштето. Ова е уште еден проактивен закон за земјоделците, од оваа влада кој ќе ги покаже бенефитите во блиска иднина.

Зенит – Доколку дојде до ребаланс на буџетот, какви се шансите да се одделат повеќе средства за забрзување на градбата на зоната Алинци, но и за поддршка на Прилеп за инфраструктурата за зоните Прилеп 1… ?

Рано е да се зборува за ребаланс, но доколку го има, бидете убедени дека со месните заедници и локалната самоуправа ќе ги утврдиме приоритетите  правци за насочување на нашите лобирања. Поборник сум за економски просперитет на Прилеп, бидејќи во сферата на јавните претпријатија и локалната инфраструктура постигнавме скоро сé, во иднина да се насочиме на изградбата на инфраструктурата во ТИРЗ Алинци, како проект на оваа влада, но и дотации за локалната самоуправа од централниот буџет и за другите индустриски зони – Металец и Прилеп 1. Одлично е чувството дека трите крупни проекти ветени лани се при крај – патот до Трескавец, реконструкцијата на Градскиот часовник и потпишувањето на договорот со европските фондови за реконструкција на канализациската мрежа.

Зенит –  Одамна се заговара комплетирање на третата лента на патот Прилеп – Градско. Што може да се очекува на ова поле годинава?

Третата лента на патот Прилеп – Градско е сон за секој политичар и функционер. Бидете убедени дека оваа Влада ќе го заврши овој најголем инфраструктурен зафат во овој регион. Проектот е во завршна фаза. Потоа со финансиска конструкција поделена на три буџетски години ќе го решиме и овој проблем.

Зенит – Што може да се очекува поконкретно на дневниот ред на парламентот после одморите, што би било атрактивно особено за Прилеп?

По одморите не чека една “жешка” есен со многу нови законски решенија, со предлог закон за медиуми по европски стандарди, со нови идеи за развој на земјоделието и образованието. Предлогот на новиот буџет, во кој сигурно Прилеп, ќе претендира за многу средства за реализација на сé што беше ветено во програмата. Се надевам дека ќе се консолидира опозицијата, која веќе цела година е во гроги, безидејна и неконструктивна. Загрижува што и по последните промени не понудија ништо ново ни на централно, ни на локално ниво.

Loading